Утринскиот воз од Скопје кон Битола од неделата сообраќа со големи задоцнувања или воопшто не поаѓа. За ова реагираа патниците кои го користат железничкиот сообраќај кон Богомила, бидејќи возот им е единствен организиран превоз, автобуски немаат, а секојдневното патување со автомобил не им е испатливо.
„Во неделата, возот, поточно локомотивата, рано наутро се расипа близу постојката кај село Согле, на отворена пруга. Во понеделникот доцнеше 70 минути, вчера не дојде возот на железничката станица во Велес, а денеска доцнеше четириесетина минути. Со стартот на новиот возен ред, овој воз никако да стигне, се распипува, доцни или го нема. Жителите на регионот Азот, Богомила и на соседните села немаат организиран автобуски превоз и дневни линии, па затоа ваквата состојба најмногу ги погодува. До Велес и назад со автомобил секојдневно е скапо“, вели патник кој го користи превозот за да оди на работа.
Објаснува дека има и мал број патници, а оние повозрасните немаат можност за проблемот да реагираат на социјалните мрежи.
Од Македонски железници потврдуваат дека има проблеми со утринскиот патнички воз за Битола.
„Локомотивата се расипа, патниците кои беа во патничкиот воз во неделата беа префрлени организирано со автобус, и во едната и во другата насока. Се вози со намалена брзина и се случува да се расипа локомотивата. Од денеска, двете машини се во функција и сообраќајот е нормализиран. Имавме сериозен проблем со мал број на локомотиви и патнички возови, не можевме да почнеме со нивни генерален ремонт оти е ограничен фондот за работа. До крајот на месецов ќе излезе од поправка електричен патнички воз и ќе се намали оптовареноста на машините. Од Зелениково до Велес возовите патуваат со 20 км/час, лимитирана е брзината поради поправка на пругата. На оваа траса има голем број патнички и товарни возови и не може да се реконструира за една-две седмици или за еден месец“, информираат од МЖ.
Потсетуваат дека од неделата повторно, по девет месеци, е пуштен во сообраќај вториот патнички воз од и за Гевгелија, па така на оваа реалција има два воза дневно, утрински и попладневен. За и од Битола има три: утрински, пладневен и вечерен.
П. ПЕЧКОВ