ВАЛАНДОВЦИ НА НОВИ ПРОТЕСТИ АКО НЕМА РЕФЕРЕНДУМ ЗА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛ

    ВАЛАНДОВЦИ НА НОВИ ПРОТЕСТИ АКО НЕМА РЕФЕРЕНДУМ ЗА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛПред десетина дена беа блокирани патиштата околу Валандово како протест против одлуката на општинскиот Совет да не дозволи референдумско изјаснување за рудникот Казандол.

    Ако нема референдумско изјаснување за рударскиот комплекс Казандол, активистите од „Спас за Валандово“ се заканија со протести, блокади и граѓанска непослушност. Тие се уште чекаат претседателката на Советот Јасмина Сечкова да закаже седница по собраните потписи за референдум. Со објаснување дека има законски рокови во кои ќе постапи, таа го игнорира барањето на активистите поткрепено со потписи, но и на шестмината советници кои писмено побараа вонредна седница за да се распише референдум. Граѓанските активисти од Валандово ги предупредуваат советниците дека не треба да се заобиколи директното изјаснување за Казандол.

    „Нашето барање со собраните 2.230 потписи што ги доставивме е јасно. Да има референдумско изјаснување и за стопирање на изградбата на рудникот Казандол, а не само за отварање рудници. Претседателката Сечкова нема се уште закажано седница и не знаеме што ќе се случува на истата, но доколку се донесе одлука идентична како и во Дојран, тогаш повторно ќе излегуваме на блокирање на патиштата околу Валандово. Нашата цел е стоп на рудници во земјоделски регион“, вели Роберт Марков од граѓанската иницијатива „Спас За Валандово“, кој смета дека деловнички по барање на една третина од советниците мора да ја свика вонредната седница најдоцна до 30 јуни.

    Иницијатива за свикување вонредна седница има и во Дојран. Таму советниците на почетокот од неделата донесоа одлука за референдум, но не и за изјаснување за рудникот Казандол. Тројца советници доставија писмено барање до претседателот на Советот Ташко Дуљанов да се измени одлуката и на 23 јули дојранчани да се изјаснуваат и за стопирање или не на изградбата на рударскиот комплекс Казандол кај Валандово.

    Советот на општина Богданци пак ги извести ресорните минситерства и Владата за резултатите од одржаниот референдум кај нив, на кој што речиси сите граѓани се изјаснија за неотварање рудници во нивната општина и стопирање на изградбата на Казандол. Во известувањето ги приложиле и одлуките дека го повлекуваат издаденото одборение на „Сардич МЦ“ да копа на нивна територија и бараат стопирање на изградбата на рудникот, но и дека забрануваат отварање на било какви рудници на нивна територија.

    „Богданци е пример за сите општини од овој регион и сметаме дека волјата на граѓаните ќе мора да се почитува“, ни изјави Јован Џалев од „Спас за Богданци“.
    Овие денови активни се и преставниците од „Сардич МЦ“, англиско-украинската компанија која што го гради Казандол. Тие по населените места одржуваат трибини на кои граѓаните ги информираат за целиот процес на ископ и производство на катоден бакар. Тврдат дека нивната инвестиција нема да му наштети на земјоделското производство, ниту пак ќе има штетни последици по здравјето на граѓаните. Според нив, ќе немало ниту прашини од ископот, ниту детонации, ниту пак испуштање на било какви тешки метали во почвата.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира