ВЕЛЕШАНИ, НЕГОТИНЦИ И КАВАДАРЧАНИ ВЕЌЕ ДВА МЕСЕЦА ПОЛАГААТ ВОЗАЧКИ ИСПИТ ВО ШТИП ЗАШТО ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР ВО ВЕЛЕС НЕМА ЛИЦЕНЦА

    ВЕЛЕШАНИ, НЕГОТИНЦИ И КАВАДАРЧАНИ ВЕЌЕ ДВА МЕСЕЦА ПОЛАГААТ ВОЗАЧКИ ИСПИТ ВО ШТИП ЗАШТО ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР ВО ВЕЛЕС НЕМА ЛИЦЕНЦАИспитниот центар во Штип пред неколку години примаше кандидати за возачки испит од Струмица, а оваа година од велешко-вардарскиот регион, кој од август е без лиценциран центар (Фото: СДК.МК)

    Стотина велешани и жители на Демир Капија, Неготино и Кавадарци, кои се под ингеренции на СВР Велес, веќе два месеца полагаат за возачки испит во сообраќајниот испитен центар во Штип „Исток возач“, кој ги покрива градовите од Источна Македонија.

    Лиценцата на Комисијата за полагање возачки испит во Велес истекла во август, а нова засега не е издадена, па идните возачи од Велес и од соседните градови се принудени да полагаат во останатите испитни центри во државата, а најмногу во Штип. Овој центар праќа свои луѓе и во Свети Николе, Кочани и останатите градови од истокот.

    „Со велешките кандидати имаме проблеми затоа што ако нивните документи се во велешкиот СВР, ние сме принудени да одиме таму по документите и сето тоа на наш трошок. Поминуваат кандидатите кои со себе ги имаат потребните документи од авто-школа, лекарски уверенија, уверенија од црвен крст и слично“, велат од сообраќајниот испитен центар во Штип.

    Законот за безбедност во сообраќајот предвидува можност кандидатите да полагаат возачки испит во кој било испитен центар во државата додека не заврши изборот на лиценцирано правно лице кое ќе ги врши овие дејности на нивното подрачје.

    Не е познато дали ќе бидат обесштетени оние кандидати кои веќе уплатиле во Велес, а сега ќе полагаат во друг центар, како што се случило пред 10 години, кога исто така половина година се чекало да се додели нова лиценца, па голем број граѓани морале да уплаќаат повторно за полагање во другите центри.

    Во штипскиот центар „Исток возач“ месечно полагаат околу 300 кандидати од цела Источна Македонија, а најмногу, дури 80 проценти, за Б категорија. Според сегашните цени, тие треба да платат по 1.800 денари за тестирањето, полагање на полигон и за градско возење.

    Во Македонија, покрај Штип, испитни центри има уште во Струмица, Битола, Охрид, Тетово, Куманово и во Скопје.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира