Крзнарата „Димко Митрев“ од Велес денеска ја пушти во работа пречистителната станица за отпадни води, вредна 300.000 евра. На овој начин, отпадните води од процесот на штавење, кои завршуваат во Вардар, ќе се прочистуваат од хемискиот елемент хром, кој се користи во оваа постапка.
„Пречистителната станица е круна на сѐ што работевме во изминатите две години. После третманот, водата е целосно е пречистена и дури може да се пие. Ова е прва фаза, а од понеделник, следува следната, со која ќе ги решаваме еколошките прашања. Пред две години запревме со работа на јаглен во новиот погон, а просторот за него го претворивме во магацин“, кажа директорот Атанас Киров.
Тој посебно се заблагодари на партнерот „Шепард“ од Шведска, кој најмногу помогнал во инвестицијата, но и за вложувањата во фабриката изминатите години. Посебно ја нагласи опремата за отпрашување, со која прашината која се јавува во процесот на производство се доведува во форма на брикети. Опремата за пречистителната станица е на италијанската фирма „Делта аква“.
Крзнарата „Димко Митрев“ има 250 вработени, постои 72 години и е единствена во земјава која произведува крзнени производи. Производството во најголем дел завршува на пазарите во скандинавските земји.
П. ПЕЧКОВ