ВЕЛЕШКАТА БИБЛИОТЕКА КУПИ НАД 200 НОВИ КНИГИ ОТКАКО СЕ ЗГОЛЕМИ ИНТЕРЕСОТ ЗА ЧИТАЊЕ ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА

    ВЕЛЕШКАТА БИБЛИОТЕКА КУПИ НАД 200 НОВИ КНИГИ ОТКАКО СЕ ЗГОЛЕМИ ИНТЕРЕСОТ ЗА ЧИТАЊЕ ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАБиблиотеката „Гоце Делчев“ брои околу 5.000 членови (Фото: СДК.МК)

    Во време на социјална затвореност, дел од велешани се посветија на читање книги. Од велешката библиотека велат дека во изминатите седум-осум месеци, откако трае здравстената криза со коронавирусот, е зголемен интересот за книгата, посебно кај возрасната публика.

    „Во време кога луѓето повеќе се дома, разбирливо е што имаме зголемен интерес за читање книги. Возрасните читатели на секое доаѓање позајмуваат по три-четири книги. Велат дека така полесно го минуваат времето, наместо да гледаат телевизија, во време кога нема многу контакти со пријатели и соседи“, кажа Гордана Васковска, в. д. директорка на велешката библиотека „Гоце Делчев“.

    Бројот на членови во оваа институција е околу 5.000: во одделот за возрасни 2.838, а во одделот за деца 2.176. Поради зголемениот интерес за читање книги, библиотеката набавила повеќе од 200 нови наслови, за што се потрошени 350.000 денари од сопствени средства.

    „Купивме 37 наслови за детскиот оддел и 172 за возрасни. Меѓу нив има и психолошки и трилер и романтични книги. Библиотеката се грижи за децата, збогатувајќи го книжниот фонд со најнови изданија од детска литература“, додава Васковска.

    Објаснува дека библиотеката, како културна установа од јавен карактер, е место каде што се складира и чува културното богатство, каде што се негуваат и надградуваат културните и воспитно-образовните вредности на младите и сите граѓани.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира