Општата болница во Велес има Ургентна единица, место каде се згрижуваат пациентите од Велешко кои се во животозагрозувачка состојба. Единицата, отворена во април, работи 24 часа.
„Оваа Ургентна единица е замислена да ги прима, згрижува и дава помош на пациетите кои се во животозагрозувачка состојба од областа на хирургијата, ортопедијата, трауматологијата, кардиологија, интернистичките гранки, неврологија и психијатрија. Пациентите го скратуваат нивниот пат со приемот тука, а со тоа и времето потребно да се даде помош. Ургентната единица е лоцирана веднаш до Одделението за радиодијагностика, што е многу важно за брзо доаѓање до дијагнозата на пациентот. Оваа Ургентна единица не е никаков финасиски трошок, туку само реорганизација внатре во болницата“, кажа Марина Андова, портпаролка на Општа болница Велес.
Таа нагласува дека постои строга разлика кои пациенти се примаат во Ургентната едница, а кои се за примарната заштита, за која е задолжена службата на Итна помош. За прием на пациентите се задолжени лекар-специјализант и три медицински сестри.
„За лекарска помош на пациентите ги опслужуваат сите дежурни ортопеди, хирурзи, интернисти кои во тој момент се на должност. Така, пациентот добива комплетна нега со конзилијарни потреби од специјалисти кои се вработени во болницата“, вели Андова.
Бидејќи Велешката болница покрива со здравствени услуги дел од автопатот од Катланово до Градско, со почетокот на летната сезона има и зголемен број интервенции.
„Од првомајските и велигденски празници цел месец имаме зголем обем на работа, интервенции, што се должи на почетокот на туристичката сезона по автопатот“, вели Андова.
П. ПЕЧКОВ