Документи од и за животот на Алексо Демниевски-Бауман, патронот на велешката касарна на АРМ, ѝ се донирани на касарната и тие ќе бидат поставени во неговата спомен-соба, кажаа на првото одбележување на патронот на касарната.
„Ова се документи од Перо Коробар, исто така велешанец, кој собирал сè за делото на Алексо Демниевски-Бауман. Тие ќе бидат изложени во неговата спомен-соба и ќе бидат достапни за сите кои сакаат да го проучуваат неговото животно дело. Овие документи ни ги отстапија на владение Сојузот на филателисти, преку Климе Коробар, синот на Перо Коробар, и Димитар Белчев. Како единствена институција во Македонија која го носи името на Бауман, сметаа дека најдобро би било нам да ни ги отстапат“, кажа Миле Марковски, потполковник.
Меѓу документите кои ги доби велешката касарна, се личен ракопис на Бауман со негово сеќавање за Шпанската граѓанска војна на македонски и на српскохрватски јазик со различни содржини и автобиографија чукана на машина некаде средината на 1950-тите години. Од негов соборец Милан Божиќ на осум страници има сведоштва за Бауман како командант на Интернационаниот баталјон „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Шпанија. Има документи за пробојот на Сремскиот фронт пролета 1945, каде ги водел македонските партизани. Има и лични фотографии и од Шпанија и од Сремскиот фронт.
„На овој ден не го одбележуваме не само патронатот, туку и делото на Бауман за слобода и праведност. Тој не бил само воен лидер туку и човек кој го посветил својот живот на идеалите. Неговото име е симбол на храброста, посветеноста, бескомпромисна борба за слобода. Одбележувањето на патронатот потекнува со години нанзад, кога тогашен командант генерал-мајор Зоран Динески, сега пензионер, праша како ние го одбележуваме настанот кој е поврзан со името на касарните низ земајва каде се сместени војниците, а што не е поврзано со самите единици. Како командант на Командата за обука и доктрина, која е сместена во касарната во Велес, цел ми беше да го одбележиме патронатот. И годинава, тоа конечно се случи“, кажа генерал-мајор Лулзим Нуредини, командант на Командата за обука и доктрина.
Алексо Демниевски-Бауман (Велес, 10 септември 1905 – Белград, 5 септември 1961) е комунист, учесник во Шпанската граѓанска војна и во НОБ од крајот на 1944 година како командант на Петнаесеттиот македонски корпус. Учествува во борбите на Сремскиот фронт. Неговиот корпус на 13 април 1945 учествува во ослободувањето на Винковци, Славонска Пожега, Славонски Брод, Загреб и Цеље.
П. ПЕЧКОВ