Велешката пастрмајлија е многу слична со оние што се готват во Азербејџан и Турција, кажаа 15 шефови-готвачи, кои неколку дена беа гости во Велес преку здружението „Гастромак“. Пастрмајлијата може да биде мамка за странските туристи ако добро се промовира, а сите угостители готват специјалитет со ист квалитет.
„Многу добро ја познавам балканската храна и кујна. Вашата пита пастрмајлија, според вкусот, е најблиска до оние од Азербејџан и Турција. Се готви на сличен начин, со тоа што вашата има свинско месо, во Азербејџан се користи јагнешко, а во Турција е мешано месо. Велес не треба да се грижи, традицијата со пастрмајлијата ќе продолжи. Од ова јадење можете да направите гастротуристичка дестинација, која ќе биде цел на гости што ќе ја јадат. Рестораните мора да се здружат, да не се гледаат меѓусебно како конкуренција за да бидете успешна приказна“, рече Драгица Лукин од Хрватска.
„Во нашите кујни имаме многу заеднички јадења и вкусови. Продуктите што се користат во Турција се користат и тука, во Македонија“, рече Емре Коксал од Турција.
„Сум живеел во Русија, Азербејџан и слично јадење на вашата пастрмајлија се готви во тој крај на Кавказ. За жал, традиционалната кујна во светот пропаѓа, младите не ја сакаат традицијата“, вели кулинарот Дон Давид од Азербејџан.
Италијанскиот шеф-готвач направи споредба меѓу питата, пицата и фокачата, идентичен специјалитет од југот на Италија.
„Питата и пицата се многу слични, не само според зборовите. Видов дека вашата пита е многу слична на нашата пица, но и на фокачата, која е слична на пицата и е пекарски специјалитет од регионот Пуља – Бари, од каде што доаѓам. Брашното, водата, тестото и солта се исти состојки што се користат, само топингот, односно додатокот, ги прави различни“, вели шеф-готвачот Доменико Маги.
Нивното неколкудневно гостување во Велес е реализирано со помош на локалната власт.
„За првпат имаме толку авторитети. Тоа е можност да ги промовираат Велес и неговата храна во светот“, рече градоначалникот Марко Колев.
Во рамките на настанот се одржа и „Дипломатско котле“, со амбасадори во Македонија. Притоа се готвеа велешки специјалитети, кои им беа претставени на гостите. Адријана Алачки од здружението „Гастромак“, рече дека ова е промоција на Велес.
Истражувајќи ги турските документи, Имрен Јосифова, докторантка по турски јазик на Универзитетот во Истанбул, открила дека Ахмед-паша, воениот гувернер кој дошол во Велес во јануари 1869 година за да го испита случајот со бунтот на велешани против грчкиот владика Антим, во еден допис до Истанбул напишал: „Нè почестија со јадење слично на нашата састрмалија (турско јадење слично на погача, со големи парчиња овчко солено месо), само што тука е ситно сечкано овчјо и козјо месо, полиено со јајце“. Овој документ постои во турските архиви и во него за првпат се споменува пастрмајлијата, и тоа токму во Велес.
П. ПЕЧКОВ



