Истражувањата на фреските откриени при конзерваторските работи во влезот на црквата „Свети Димитрија“ во Велес изградена на крајот на 13 век, го открија портретот и името на ктиторот заслужен за подигањето и сликањето на храмот. Во ктиторскиот натпис се впишани податоци кои се значајни за времето на подигањето на храмот, 1297 година, како и името на ктиторот великиот стратопедархот Лав Котаница Зони, вели историчарот на уметност Дарко Николовски.
„Откривме значајни фрески од оригиналниот, автентичен живопис. Откриен е и ктиторски натпис, а рускиот колега Виноградов успеа да го расчита овој грчки текст. Така дознавме дека ктитор на манастирот е Котаница, и пишува дека во 1297 година бил направен неговиот ктиторски дар“, вели Николовски.

Фреските беа откриени при конзерваторските работи во влезот на црквата „Свети Димитрија“ во Велес. (Фото: СДК.МК)
На ктиторскиот натпис во внатрешноста на црквата, во влезот, пишува: „Подигнат од основа и насликан со средства на великиот стратопедархот Лав Котаница Зони во јули месец, 10 индикт, во 6805 (односно 1297) година“. Храмот бил даруван и од таткото на Котаница, великиот стратопедархот Гурие. Познато е дека Лав Котаница бил византиски пребег во последните децении на 13 век, на границата помеѓу Византија и Србија, во регионот на Велес. Градот, се мисли на старото Кале кое е над манастирот, можеби бил негово седиште, како воен гарнизон, но тоа од засега познатите податоци не може да се потврди. Во одреден момент се осамостоил како самостоен феудалец, водел битки сам за себе, а во еден период бил и затворен.
„Историјата на Котаница е како филмски трилер. Избегал од манастирот за да по некое време се врати и продолжил да ги вознемирува византиските сили. Но, ја поддржувал страната на српската војска на кралот Милутин, со кого заеднички, но и самостојно ја напаѓал Византија. Во мировните преговори на Византија и кралот Милутин, меѓу позначајните услови се барало предавање на Котаница од страна на Милутин, бидејќи претставувал опасност за Византија“, вели Николовски.
Во турските дефтери кои се објавени последните години, постојат податоци кои ја рушат тезата дека манстирот бил затрупан за заштита пред османлиското навлегување, или дека е затрупан по гранатирањето со топови на Осмалниите од спротивната страна, од преку Вардар.

На ктиторскиот натпис во внатрешноста на црквата, во влезот, пишува: „Подигнат од основа и насликан со средства на великиот стратопедархот Лав Котаница Зони во јули месец, 10 индикт, во 6805 (односно 1297) година“. (Фото: СДК.МК)
„Според запишаните информации, на крајот од април во 1405 година се случил силен земјотрес, кој всушност бил причината источниот ѕид од тврдината на Калето да се урне и од појава на свлечиште настрадала црквата ‘Свети Димитрија’. Доказ дека црквата настрадала во одреден период, можеби токму во овој настан, е јужниот ѕид кој бил пробиен во централниот дел кога бил затрупан храмот, а обновен во XIX век со употреба на нов опус на камен, кршен, што се разликува од оригиналниот опус на ѕидање. Дилема е дали манастирот бил целосно или делумно затрупан од овој одрон. Тоа е отворено прашање на кое треба да се работи“, вели Николовски.
Со истражувањата на живописот пред неколку години беше открен и ктиторот, но и повеќе фрески. Меѓу нив се циклус на Свети Димитриј, ретки сцени кога тој го убива воинот или Авгар, или кога Господ го праќа трговецот да донесе жито и го спаси Солун од опсадата. Има и сцени од Страшниот суд, постар пример на овој редок циклус. Црквата е пресликана во 19 век.
П. ПЕЧКОВ