ВЕЛЕШКИТЕ ГЕМИЏИИ ЈА ЗАПОЧНАА 24. ВАРДАРСКА РЕГАТА, ПРВПАТ ЌЕ ПЛОВАТ ДО СОЛУН

    ВЕЛЕШКИТЕ ГЕМИЏИИ ЈА ЗАПОЧНАА 24. ВАРДАРСКА РЕГАТА, ПРВПАТ ЌЕ ПЛОВАТ ДО СОЛУННајголеми проблеми на регатата ќе бидат високите температури и нискиот водостој на реката (Фото: СДК.МК)

    Педесетина уесници на 24. Вардарска регата утрово запловија во Вардар. Но, наместо до Гевгелија, која беше последната станица, тие тргнаа за Солун. Ќе пловат седум дена, до 26 јуни. Во Македонија ќе ноќеваат во Криволак, Демир Капија и Мрзенци а во Грција, во Евзони, Акропотамис и Солун. Највозрасниот учесник е Владо Стојановски, кој пловел на сите досега одржани регати. Тоа што си го посакуваа, да стигнат до Солун, годинава треба да се случи.

    „Досега 23 пати пловевме до Гевгелија, сега за првпат до Солун. Се остварува нашата најголема желба и моја лично, како кајакар да влезам во Егејското Море преку Вардар. Мислам дека тоа ќе биде моето најголемо доживување во животот, исполнување на сон. Го чекам овој момент 43 години. Ја продолжуваме традицијата на велешките гемиџии, на трговците кои од Велес пловеле до Солун и ја носеле нивната стока за продажба до бродовите. Вардар има 388 километри, а тие последните 80 за првпат ќе ги почувствуваме. Очекувам дека ќе нема проблеми при патувањето“, кажа Стојановски.

    Како најголем проблем тој ги посочи високите температури, поради што најави дека секојдневите 8-9 часа веслање по Вардар ќе ги започнуваат уште рано наутро, но и нискиот водостој на реката. Добиле ветување од хидроцентралите да пуштаат одредено количество вода.

    „Секојдневно ќе пловиме по 35 километри. Поради нискиот водостој, тоа ќе биде бавно, но очекувам дека сите ќе издржиме докрај“, додаде Стојановски.

    Организаторот, велешкиот извиднички одред „Димирар Влахов“, ќе има помош за реализација на Вардарската регата од грчки извидници од Солун.

    „Се оствари сонот на многу генерации велешки гемиџии и годинава ќе пловиме до Солун. Во целост ќе пловиме како велешките гемиџии, кои во 19. век со гемии ја дистрибуирале нивната стока до Солун. Последниот ден од пловидбата треба да влеземе во делтата на Вардар, што е голем предизвик. Бевме неколкупати да ја проучиме патеката, ја познаваме ситуацијата и во оваа делта, каде што Вардар се дели на осум краци, водостојот е многу низок. Ќе имаме помош од грчките рибари да пловиме по вистинската патека. Треба да стасаме до Солунското пристаниште. Ќе биде тешко по делтата на Вардар оти е заштитена зона и не може да се користи возило. Ако заглавиме, тие 4 до 6 км ќе мораме да ги извесламе, нема помош од механизација и возила“, кажа Ангелче Гушев, капетан на „Вардарската регата 2024“.

    На годинашнава регата нема да плови гемијата, ниту сплавот, туку учесниците ќе бидат само со чамци, бидејќи годинава се пробива патеката и границата мора да се мине на суво, не по Вардар.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира