ВЕЛЕШКИТЕ СЕЛА БУЗАЛКОВО И РАШТАНИ НЕМААТ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, ВОДОВОДОТ СЕ ГРАДИ ПЕТ ГОДИНИ И ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 250.000 ЕВРА

    ВЕЛЕШКИТЕ СЕЛА БУЗАЛКОВО И РАШТАНИ НЕМААТ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, ВОДОВОДОТ СЕ ГРАДИ ПЕТ ГОДИНИ И ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 250.000 ЕВРАВкупната должина на цевководот изнесува 10 км, износот за инвестицијата беше пола милион евра добиени преку Министерство за транспорт и врски. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на велешките села Булзалково и Раштани, ни по пет години од почетокот на изградбата на водоводот, уште не можат да пијат квалитетна вода од градскиот водовод. Иако осум години државата преку нејзините институции го реализира проектот за решавање на ова прашање, тој не е завршен.

    „За нас приоритетно е да добиеме вода за пиење. Бараме уште од 2017. Таа што ја имаме е од бунари, секој дом има пробиено свој сопствен, но не е испитана водата дали и колку квалитетна. Има бројни случаи на болни од нездрава вода за пиење. Немаме ниту доктор, па мораме до Велес да патуваме да се лекуваме. Во јули 2020 дојде тогашниот министер за транспорт Горан Сугарески и најави дека за осум месеци, може и порано, ќе добиеме квалитена вода за пиење. Сега сме октомври 2024, вода нема“,  вели жител на Бузалково.

    Селото брои 300 куќи и има околу две илјади жители. Водата од чешмата  сред село е подолго време забранета за пиење. Според неодамна објавените анализи на Центарот за јавно здравје Велес за квалитетот на водата од селските водоводи за 2023 година, во Бузалково од десет испитувања, водата од бунарот од училиштето и двете природни чешми сите примероци биле неисправни.

    Во блиското село Раштани, кое исто така со години чека вода за пиење, од 15 испитувања, четири на водоводот кој е без хлорирање и 11 на трите селски чешми, сите примероци биле неисправни.

    Министрите се сменуваат, постапката е започната и е во тек, но вода во селата нема. Вкупната должина на цевководот изнесува 10 км, износот за инвестицијата беше 30 милиони денари (околу пола милион евра), средства добиени преку Министерство за транспорт и врски, односно преку проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води’“ преку Европската инвестициона банка. Постапката за градба со добивање на неопходните дозволи започна во 2018.

    „Досега 250 илјади евра се вложени и треба да се заврши работата. На сегашниот министер за транспорт му велам, греота е за 15 милиони денари да не се заврши водоводот и Раштани и Бузалково да добијат вода, тоа се развиени села. Прашање е на ден кога ќе се потпише анекс на договорот со постојната фирма, затоа се брза да се склучи договор за да се заврши работата, водводот. Тоа што се бараше беа технички работи, тоа е завршено пред две години, останува да продолжат активностите. Треба да се реши водоснабдување на двете села и луѓето да добијат квалитена вода за пиење“,  кажа градоначалникот на Велес Марко Колев.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира