ВИШОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ПОБАРА КАКО НЕОСНОВАНИ ДА СЕ ОДБИЈАТ ЖАЛБИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ЗА „ТРАНСПОРТЕР“, А ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ВРЕДНОСТА НА КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТ

    ВИШОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ПОБАРА КАКО НЕОСНОВАНИ ДА СЕ ОДБИЈАТ ЖАЛБИТЕ НА ОБВИНЕТИТЕ ЗА „ТРАНСПОРТЕР“, А ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ВРЕДНОСТА НА КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТПоранешниот битолски градоначалник Владимир Талески е осуден на казна затвор од 8 години во „Транспортер“. (Фото: СДК.МК)

    Вишото јавно обвинителство Скопје побара да се одбијат како неосновани жалбите поднесени од обвинетите во предметот „Транспортер“, меѓу кои е и поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески. Тој е осуден на казна затвор од 8 години за злоупотреба на службената положба и овластувањата со превоз на ученици во средните и основните училишта на територијата на Општина Битола. Слободан Бончановски, поранешен секретар од Општина Битола осуден е на затвор од 6 години. Осудени меѓу две и три години затвор се и 11-мина обвинети сопственици и управители на транспортните компании, а осуммина ексдиректори на средни и основни училишта, професори и наставници на условни затворски казни од 2 години, ако не го повторат кривичното дело.

    Од Вишото јавно обвинителство соопштија дека обвинетите во случајот и нивните бранители бараат првостепената пресуда од Основниот кривичен суд во Скопје да се укине и предметот да се врати на повторно разгледување и одлучување. Јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје, по извршениот увид во списите на предметот, смета дека дека при донесување на пресудата, Основниот кривичен суд Скопје правилно ги утврдил околностите по однос на времето, местото и начинот на извршувањето на кривичните дела, меѓусебната комуникација на обвинетите, нивните врски, како и начинот на преземање на инкриминираните дејствија. Оттука, Вишото јавно обвинителство Скопје цени дека Судот правилно ги одмерил досудените казни ефективен затвор на обвинетите лица.

    Истовремено, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе жалба на донесената пресуда за обвинетите, барајќи од надлежниот суд на лицата на кои им е изречена ефективна казна затвор да им изрече повисоки казни, а на оние обвинети на кои со пресудата им се изречени условни осуди, надлежниот суд да им изрече соодветни затворски казни. Воедно, обвинителството со жалбата му предлага на судот наместо конфискувана имотна корист во износ од 695.611 денари од едно од правните лица, да се конфискува имотна корист во износ од 857.637 денари.

    Вишото јавно обвинителство Скопје му предложи на Судот делумно да ја уважи жалбата на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Повисокото обвинителство ја прифати жалбата во делот на обвинети кои се осудени како соизвршители, со оглед на тоа што без нивните дејствија не би можело да се исполнат обележјата на кривичното дело, ниту пак превозниците би прибавиле противправна имотна корист. Жалбата е прифатена и во делот на изречената казна под законскиот минимум за дел од превозниците. Исто така, Вишото јавно обвинителство Скопје ја прифати жалбата во делот на конфискуваната имотна корист, сметајќи дека во пресудата износот на конфискуваната имотна корист треба да биде 857.637,00 денари.

    Вишото јавно обвинителство Скопје не ги прифати поднесените жалбени наводи на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои се однесуваа на барање за зголемување на висината на изречените казни ефективен затвор на останатите обвинети.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира