Владата ја разгледа и усвои информацијата за потреба за основање на Факултет за медицински науки и здравство при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) – Битола.Неговото формирање како единица во состав на УКЛО, претставува стратешка неопходност за унапредување на здравственото образование особено во Пелагонискиот и Југозападниот регион на Македонија, соопшти Владата по денешната седница.
Факултетот ќе биде правен наследник на Високата медицинска школа од Битола, каде освен тригодишни студии ќе може да се акредитираат четиригодишни студиски програми по медицински сестри и акушерки. Но, од Министерството за образование предлагаат факултетот да почне со работа во студиската 2026/2027 година, а во меѓувреме да се завршат сите постапки согласно Законот за високо образование.
Од Владата посочија дека ќе биде потребно време за да се разгледа проектот за основање на Факултетот како единица во состав на Битолскиот универзитет од Одборот за акредитација на високото образование, да се донесе закон за основање и да се испочитува членот 149 од Законот, каде е наведено дека запишувањето на студии се врши врз основа на јавен конкурс кој го објавува универзитетот, односно самостојната висока стручна школа кој ги реализира студиите најмалку пет месеци пред започнувањето на наставата.
Сепак, во март 2024 на официјалната страница на УКЛО е објавен текст дека веќе бил донесен Законот за основање на Медицински факултет во Битола и дека ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, и раководството на УКЛО ја оценуваат ваквата одлука како историска и посебно важна не само за развојот на Универзитетот, туку и за општината и поширокиот регион. Во текстот се вели дека на него ќе има четири отсеци: Општа медицина, Стоматологија, Фармација и Висока медицинска школа.
Отворањето на Медицински факултет е дамнешна желба на битолчани чие оставрување се заговара долги години. Високата медицинска школа во Битола, која досега едуцирала голем број дипломирани медицински сестри, медицинско-лабораториски аналитичари, физиотерапевти, радиолошки технолози и акушерки, е втората најстара високообразовна установа од областа на медицинските науки во државата, основана е во 1988.
Ж. ЗДРАВКОВСКА