Велешките фотографи мора да плаќаат по 500 денари за секое снимање на свадба и крштавка која се одржува во црквите во Велес, дел од Повардарската Епархија на МПЦ-ОА. За нив оваа одлука е неразбирлива и е давачка која не донесува ред во работата, напротив воведува револт. Таа е воведена неколку дена откако била осветена новата црква „Св. Кирил и Методиј“.
„Црквата воведе давачка, која за нас е несфатлива и од непознати причини. На венчавките, крштавките ние сме услужен сервис кој што работи за потребите на младенците и на родителите на бебето. Црквата е народна и свештениците имаат доволно награда од тарифите кои ги наплатуваат од младенците и кумовите, свекорот и дедото, како и од родителите и кумовите при крштавка. Велеа дека сме полнеле батерии, приклучувале рефлектори и дека трошиме струја, вода, што не е точно. Ова е случај само во Велес, на никое друго место“, изјави Данчо Стефков на прес конференција на фотографите од Велес, одржана пред новата црква „Св. Кирил и Методиј“ во Велес.
Тие потсетуваат дека претходно без никаква одлука, туку доброволно по секоја венчавка и крштавка, оставале по 100 денари за црквата. Веќе се сретнале со дел од свештенството на Повардарска епархија, но бараат средба и со Митрополитот Агатангел. Тој вчера беше на осветување на црква во Скопје.
Свештеник кој не е овластен да дава изјави, само кратко кажа дека оваа давачка не е кон младенците, туку кон снимателите и фотографите кои создавале одредени трошоци со нивната работа, а добиените средства ќе се користат за одржување на црквите.
За венчавка давачката кон црквата е од пет илјади денари нагоре, за крштавка е 3.500 денари. Воведена е и такса за црковен развод што чини три илјади денари.
Од пред две години, по барање на тогашниот градоначалник Славчо Чадиев, Советот прифати фотографите да плаќаат по 300 денари давачка за секое користење на спомен музеите во Велес, куќите сопственост на Градот, на Рацин, Касапови, Жинзифов, Главинов.
П. ПЕЧКОВ