ВЛЕЗНАТА ПОРТА НА ЕВРЕЈСКИТЕ ГРОБИШТА ВО БИТОЛА ОСВЕТЛЕНА ВО БОИТЕ НА ИЗРАЕЛСКОТО ЗНАМЕ

    ВЛЕЗНАТА ПОРТА НА ЕВРЕЈСКИТЕ ГРОБИШТА ВО БИТОЛА ОСВЕТЛЕНА ВО БОИТЕ НА ИЗРАЕЛСКОТО ЗНАМЕВо Битола порано живееја над 3.000 Евреи. (Фото: СДК.МК)

    Влезната порта на Еврејските гробишта во Битола вечерва со светлосни ефекти е осветлена со боите и Давидовата ѕвезда од знамето на Израел во знак на поддршка од градот каде порано живееја над 3.000 Евреи, за жителите на Израел кои настрадаа во најновиот конфликт меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас која управува со Појасот Газа.

    „По примерот на многу познати знаменитости од европски и светски метрополи, го осветливме ова споменично обележје со знамето на Израел како симболичен гест за морална поддршка на граѓаните на Израел. Ние како битолчани ја имаме таа морална обврска, со оглед на фактот дека голем број од денешните жители на Израел се потомци на битолски Евреи. Сакаме да покажеме дека жителите на Битола се со граѓаните на Израел во овие тешки моменти“, рече Пеце Николовски редовен професор на Битолскиот универзитет кој ја организираше оваа акција во координација со поранешниот амбасадор на Израел во Македонија, Дан Оријан, битолчанката во Израел Шели Леви Друмар и Еврејската заедница во Македонија.

    „Сочувство за невините жртви и од израелскиот и од палестинскиот народ, да се надеваме дека војната ќе заврши и да не се оствари онаа Черчилова девиза ‘Ако ѝ дозволиме на сегашноста да му се свети на минатото, во тој случај ќе ја изгубиме иднината’“, рече Николовски.

    Над 1.300 Израелци, цивили и војници, загинаа во нападот на Хамас врз Израел минатата сабота. Оттогаш, над 2.200 Палестинци, главно жени и деца, загинаа во израелското бомбардирање на Појасот Газа чија цел е да се уништи Хамас, а 8.700 се повредени. Појасот Газа е целосно блокиран, а Израел кој спрема копнена офанзива, вчера им даде 24 часа рок на жителите на градот Газа да избегаат на југ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира