Во рамките на акцијата „Чиста Преспа-Моја Преспа“ исчистени се депонии со смет дури и во селото Коњско, кое се смета за еколошки најчисто. Сместено е во залив во близина на тромеѓата на Македонија, Албанија и Грција како последно село од македонска страна. Депониите беа во самото село, а со оглед на тоа дека до Коњско нема асфалтен пат, туку мора да се пријде преку вода или земјен пат, невозможно е ѓубрето да било донесено од други населени места. Во селото има само неколкумина жители, освен преку лето, кога доаѓаат сопствениците на викендиците и туристи.
„Според типот на отпад кој вчера го собравме, може да се каже дека е од локалното население. Не веруваме дека жители од други места таму би фрлале смет, зашто проблем е да се стигне до Коњско. Не веруваме дека друг би ја направил таа депонија зашто е во самото село, каде што се контејнерите. Околу контејнерите имаше и диви депонии од кабаст одтпад, цели гарнитури мебел, полици, телевизори, градежен шут“, велат од Општина Ресен.
На прашањето дали таму редовно се подига отпадот со оглед на тоа дека нема асфалтен пат, ни беше одговорено потврдно, како и дека се поставени контејнери.
И екологисти од Преспа, вклучени во акцијата за чистење на дивите депонии крај Преспанското Езеро која ќе трае цел месец, велат дека депонијата во Коњско е рак рана и дека е од локалното население, од сопственици на викендици, од реновирање, менување дограми, санитарии, мебел.
Деновиве, и крајбрежјето на Стење се чисти од ѓубре. Со смет беа наполнети околу 40 вреќи. Со нови количини на песок уредена е и плажата во Стење, а акцијата продолжува и на другите плажи во Преспа, со цел регионот да ги дочека туристите со уредени плажи и без диви депонии.
Ж. ЗДРАВКОВСКА