ВО БИТОЛА ИМА СÈ ПОВЕЌЕ ТУРИСТИ, НО НЕМА ХОТЕЛИ ЗА ПОГОЛЕМИ ГРУПИ

    ВО БИТОЛА ИМА СÈ ПОВЕЌЕ ТУРИСТИ, НО НЕМА ХОТЕЛИ ЗА ПОГОЛЕМИ ГРУПИТурите кои доаѓаат на разглед на Битола ретко користат домашни лиценцирани водичи иако тоа е пропишано со закон, вели водичот Горан Пинза. (Фото: СДК.МК)

    Додека денеска битолчани се собираа за бесплатната пешачка тура низ Битола што традиционално по четврти пат беше организирана по повод Светскиот ден на туристички водичи, пред Завод и музеј во Битола допатува голема група туристи од Турција. На нив за историјата на градот и Музејот им зборуваше турски водич кој беше дел од групата.

    Горан Пинза, лиценциран турстиички водич од Битола кој ја предводеше пешачката тура за домашните туристи, а во организација на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници (МАТВП), рече дека се мачат со нелојална конкуренција. Турите кои доаѓаат на разглед на Битола ретко користат домашни лиценцирани водичи иако тоа е пропишано со закон.

    „Имаме поблем со нелојалната конкуренција, односно нереагирањето на нашите надлежни да ги санкционираат дивите водичи и групите кои доаѓаат без водичи. Со закон е регулирано дека на територијата на Македонија можат да водат само лиценцирани водичи кои тука ја добиле таа лиценца, сите останати надвор одат како придружници и од наша страна и така треба да биде и од странските групи. Но, тие знаат дека тука не постојат или многу ретко инспекторите излегуваат на терен, знаат дека нивните ингеренции не се до степен да ги казнат и затоа водат групи на кои не им ги даваат објектинвите информации“, рече Пинза.

    Толкувањето на историјата на Битола од несоодветни лица создава сомнеж за тоа како се интерпретираат историските факти.

    „Дел е поради тоа што не знат доволно, а дел е поради тоа што така сакаат да ги претстават одредени работи. Во ваква ситуција во која се наоѓа државата многу е битно да се претстават градот и државата објективно. Она што се случувало тука е факт и е запишано, фотографирано и документарано и колку некој и да сака да го смени тоа, тоа е дел од историјата“, рече Пинза.

    Во Битола секоја година се зголемува бројот на странски туристи, но во градот недостигаат хотели од висока категорија во кои би можела да се смести поголема туристичка група.

    „Расте бројот на странски туристи кои се тука на пропатување и на оние кои остануваат по неколку дена. За жал, Битола кубури со хотели од висока категорија, па и да сакаме не можеме да прифатиме поголем број туристи во ист период. Физички нема каде да се сместат поголеми групи во хотели. Има голем број приватни апартмани кои се добро уредени и во нив е вложено многу, но тие се за помал број туристи“, рече Пинза.

    Традиционално, Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници ја организира бесплатната тура во Битола и Скопје со цел да ја доближат нивната работа до сограѓаните.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира