Во просториите на СВР Битола денеска беше отворена првата од четирите соби во Македонија за интервјуирање и работа со деца кои се јавуваат како сведоци, жртви или сторители на кривични дела. Собата е соодветно опремена и прикладна за деца, а со примената на информатичко-технички решенија ќе се избегнат потребата од повторен разговор и ревиктимизација. Вакви соби ќе се отворат и во полициски станици во Скопје, Тетово и Струмица, со поддршка на Шведската програма на полициски реформи во Северна Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Во тек е и изготвување на стандарди и оперативни процедури за постапување со деца кои се во судир со законот, каде што е предвидено да биде уреден и начинот на водење разговор, нешто што е обврска од Законот за правда на детето“, рече заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени.
Собите имаат за цел подобрување на истрагите за малолетнички случаи и семејно насилство, обезбедувајќи сигурност дека истите се спроведуваат во согласност со меѓународните стандарди за човекови права.
„На децата кои се во конфликт со законот, кои наводно извршиле кривично дело, обвинети или осудени, треба да им се гарантираат заштита и основни права преку меѓународни и регионални инструменти кои работат со детска правда. Според УНИЦЕФ, на глобално ниво, овие деца многу често се држени во притвор, центри, затвор и во други постапки каде што се прекршуваат овие закони, договори, норми и стандарди. Во собата за интервјуа се нуди безбедна поддршка и околина за да можат да се водат разговори со овие деца“, рече шведскиот амбасадор Ола Солстром.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



