ВО БИТОЛА ШЕЕСЕТИНА ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ ОД ЛАНИ, ЗА СТОТИНА ОД ПРЕД ЕДНА ДЕЦЕНИЈА

    ВО БИТОЛА ШЕЕСЕТИНА ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ ОД ЛАНИ, ЗА СТОТИНА ОД ПРЕД ЕДНА ДЕЦЕНИЈАОваа година во битолските училишта, учебната година започна со интонирање на химната согласно донесената Одлука од Советот, истото ќе се практикува во училиштата, секој понеделник. (Фото:СДК.МК)

    Дури 62 првачиња помалку има оваа учебна година за разлика од лани во битолските основни училишта.  Според, статистиката од Општина Битола годинава во школските клупи седнаа 744 првооделенци,  лани на почетокот на учебната година биле запишани 799 , а  со дозапишување бројката стигнала до 806. Но, од Општина велат дека ова не е конечна бројка на првачиња за годинава зашто во некои училишта  се‛ уште трае запишувањето, па можно е таа да се зголеми.

    За една деценија Битола, која според последниот попис е трета општина по број на население во државата, изгубила повеќе од сто првачиња. Според информации добиени во мај годинава од општинската администрација, во  учебната 2013/2014 година биле 863 првачиња. Така да, дури и да се зголеми бројот на првооделенци со дозапишувањето по први септември, сепак разликата ќе остане за стотина.

    „Општина Битола трета година по ред продолжува со реализација на финансиската поддршка за учениците од прво одделение, воведена на иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски, со која секое прваче добива 3 000 денари, како поддршка во подготовките за наставниот процес. Локалната  самоуправа продолжува со инвестиции во воспитно обрaзовните објекти, а посебно во подобрувањето на спортската инфраструктура и реконструкцијата на спортските игралишта во училиштата“, рече заменик градоначалникот Бојан Бојковски.

    Според општинската статистика, училиштата во градот лани броеле 7.477 основци, што беше за 112 помалку од пред десет години кога беа 7.589. За да не се затвораат паралелки, а со тоа да згаснуваат училишта, осма година по ред Советот на Општина Битола по барање на школите даде согласност да се формираат паралелки со помалку ученици од законски дозволениот минимум, кој е 24. Така, во строгиот центар на градот има паралелки со 8, 10 или 11 ученици.

    Оваа година во битолските училишта, учебната година започна со интонирање на химната согласно донесената Одлука од Советот, истото ќе се практикува во училиштата, секој понеделник.

    Бројката на ученици се намалува и во соседната општина Новаци, која по површина е една од најголемите во Македонија, но најретко населена. Таму и годинава и лани бројот на првачиња е 11,  а во учебната 2013/2014 година биле запишани 33. Бројот на основци годинава е 166, што е за 28 помалку за една година, но дуrи за 64 помалку од пред 11 години кога општина Новаци броеше 230 училишта. Од лани таму во мирување беше ставено и едно подрачно училиште.

    „И оваа година обезбедивме 10 000 денари за секое прваче и оброк за сите ученици во основно образование во Општина Новаци. И оваа година како и изминатите три ќе набавиме таблети за четвртоодделенците со цел квалитетно следење на наставната програма и содржини. Општина Новаци постојано вложува во образованието на децата и во подобрување на условите во училиштата. Токму затоа направени се нови санитарни јазли и реновирани се училниците и ходниците во централното училиште, набавени се електронско – технички помагала, смарт табли, телевизори и нагледни средства“, рече градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски.

    Речиси во сите општини каде што има етничко македонско население бројот на основци бележи драстично намалување. Причините се намалениот наталитет и иселувањето.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА 

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира