ВО БИТОЛСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ НАДВОР ИМА ПРИСТАПНА РАМПА ЗА ИНВАЛИДИ, А ВНАТРЕ НЕМА ПРИСТАП ДО ЛИФТОТ

    ВО БИТОЛСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ НАДВОР ИМА ПРИСТАПНА РАМПА ЗА ИНВАЛИДИ, А ВНАТРЕ НЕМА ПРИСТАП ДО ЛИФТОТ До секој од петте катови во зградата каде се сместени дел од подрачните министерства во Битола водат десетици скали, па подрачните одделенија за земјоделство, економија, правда се потешко достапни за инвалидизирани лица иако зградата имаат пристапна рампа (Фото: СДК.МК)

    Што дека има пристапна рампа за инвалидизирани лица до влезот на зградата, кога внатре  треба да се поминат скали за да се стигне до лифтот, кој деновиве не работеше.  До секој од петте катови во зградата каде се сместени  дел од подрачните министерства во Битола водат десетици скали,  па подрачните одделенија за земјоделство, економија, правда се потешко достапни за инвалидизирани лица иако зградата имаат пристапна рампа.

    „Пристапната рампа е само прв чекор во совладувањето на бариерата. Доколку не се решат внатрешните препреки ништо не се направило. Во зградата можете да влезете со пристапна рампа, но внатре треба некој да ве крева по скали за да стигнете да доставите некое барање. Дури и лифтот е стар со децении“, вели битолчанката Розита Наумовска.

    Во Домот за народно здравје, за да стигнеш до лабораторија за анализа на крв треба двајца да те туркаат. Ако одиш сам со електрична количка можеш да се превртиш, пристапот е стрмен (Фото: СДК.МК)

    Добар дел до институциите во Битола имаат пристапни рампи, но инвалидизираните лица реагираат дека дел не се адекватно направени или објектие содржат внатрешни бариери.

    „Низ некои од нив не можете сами со количката да се движите, треба некој да ве турка. Во Домот за народно здравје, за да стигнеш до лабораторија за анализа на крв треба двајца да те туркаат. Ако одиш сам со електрична количка можеш да се превртиш, пристапот е стрмен. Треба адекватно лице да одлучува за тоа колку степени треба биде закосена една рампа, а не да биде стрмна како скалите“, вели Мери Тошевска, лице со инвалидитет од Битола.

    Нико Јанков, претседателот на здружението Мобилност Битола, вели дека со години притискаат врз институциите во градот да се олесни пристапот  на лицата со инвалидитет. Преку проекти што ги организирале пред повеќе од десет години биле направени 17 пристапни рампи до Основниот суд, МВР, Библиотеката „Св. Климент Охридски“, Универзитетот, на два-три факултети. Но, признава дека тоа е горлив проблем за чие решавање ќе биде потребно уште време. Објаснува дека ситуацијата не тапка во место, но не оди со динамика со која би биле задоволни.

    „Пример, Центарот за социјални работи има пристапна рампа на првиот, но нема на вториот кат. Во Центарот за јавно здравје има рампа на едното ниво, а нема на второто ниво, не знам дали ќе прават лифт. Главната пошта е тотално непристапна за лицата со инвалидитет. Факултетите се пристапни во прво ниво, а внатре не“, вели Јанков.

    Во последните години на прсти се бројат пристапните рампи што се изгадиле. Мобилност Битола  соработувало со претходната локална власт, а ќе потпишат и меморандум за соработка со новата власт.

    Матичната служба е без пристапни рампи и ракофати (Фото: СДК.МК)

    „Законската регулатива е донесена повеќе од десет години, посебно за државните установи дека мора да имаат пристапи и за сѐ што е новоградба. За жал, ние не можеме да проверуваме секаде“, вели Јанков.

    Меѓу институциите комплетно достапни за инвалидизираните лица се Основниот суд и Клиничката болница кои имаат пристапни рампи и лифтови. Битолскиот Завод и музеј набави специјална машина гасеничар со која може да се искачат скалите.

    „Не е само архитектонската бариера. Нема ни еден нископоден автобус , кога ќе застане да може човек со количка да се качи. За возовите да не зборуваме. Ние немаме ни едне воз таков. Не е решен ни пристапот  до Железничката станица во Скопје, мора лифт да има, не може вакво лице ни да слезе, ни да се качи по скали“, велат од Мобилност Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира