ВО ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ШТИП ВЕЌЕ НЕМА КОВИД ПАЦИЕНТИ, ОД УТРЕ ПОЧНУВА ДА СЕ РЕНОВИРА

    ВО ИНФЕКТИВНОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ШТИП ВЕЌЕ НЕМА КОВИД ПАЦИЕНТИ, ОД УТРЕ ПОЧНУВА ДА СЕ РЕНОВИРАПреку фондовите на ЕУ се обезбедени 200.000 евра за реновирање на Инфективното одделение (Фото: СДК.МК)

    Инфективното одделение во Штип вчера ги испиша последните пациенти кои се лекуваа од ковид-19, а новозаболените од денеска ќе се сместуваат само во модуларната болница, која во последните денови прими само 28 пациенти, што значи дека капацитетот е исполнет 60 отсто.

    Клиничката болница во Штип со тоа го започнува планираното реновирање на руинираната зграда на Инфективно, стара 43 години. Изминатите година и пол, Инфективното одделение како регионално постојано беше полно со ковид пациенти.

    „До почетокот на комплетното реновирање, во зградата на Инфективното одделение ќе работи само амбулантата за прегледи, додека новозаболените ќе се хоспитализираат во монтажната ковид болница во непосредна близина. Таму веќе се префрла и дел од персоналот“, вели раководителката на Инфективното одделение, Дијана Шишкова.

    Преку фондовите на ЕУ уште пред две години биле обезбедени 200.000 евра за проект за комплетно реновирање на Инфективното одделение во Штип.

    „Проектот требаше да почне на почетокот на минатата година, но поради пандемијата го одложивме за оваа година. Овие средства ќе бидат доволни само за работите во првите фази“, вели директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Георгиев.

    Според планираното, ќе се изврши целосна замена на вратите и прозорците, во втората фаза ќе се реконструираат инсталацијата и кровната конструкција, а на крајот ќе се реновираат внатрешните простории и фасадата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира