ВО ИСТ ДЕН ОТВОРААТ „БИТОЛА ШЕКСПИР ФЕСТИВАЛ“ И „БИТ-ФЕСТ“, ЈЕРЧИЌ ВЕЛИ НАПРАВЕН Е ПРЕВИД

    ВО ИСТ ДЕН ОТВОРААТ „БИТОЛА ШЕКСПИР ФЕСТИВАЛ“ И „БИТ-ФЕСТ“, ЈЕРЧИЌ ВЕЛИ НАПРАВЕН Е ПРЕВИДУметничката директорка на Битолскиот театар Илина Чоревска и директорот Иван Јерчиќ на прес-конференцијата за „Битола Шекспир фестивал“. (Фото: СДК.МК)

    Се поклопуваат отворањата на  двете најголеми културни манифестации во Битола, и тоа 9. издание на „Битола Шекспир фестивалот“ со она на 15. културно лето „Бит фест“. До лани, „Битола Шекспир фестивалот“ кој е во организација на Народен театар Битола беше редовно во рамките на „Бит фест“, а годинава на плакатот само пишува дека е финансиски поддржан од Општина Битола која го подготвува културното лето.

    Двете манифестации започнуваат на 23 јуни, со големи настани. Шекспировиот фестивал се отвора во 20 часот на големата сцена на Народен театар Битола со претставата „Макбет“ во режија на Никита Миливојевиќ, голема копродукција на Шекспир фестивалот од Србија, Будва град театар, СНП и Ујвидеки Шингаз од Нови Сад и БДП Белград.

    „Бит фест“ се отвора во 21 часот во Хераклеја со „Вива Верди“, претстава со над 130 учесници меѓу кои Симфонискиот оркестар, хор, оперски солисти кои ќе изведат извадоци од најубавите опери на Верди. Солисти се Горан Начевски, Наде Талевска, Христијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и Зана Абази Рамадани.

    Претходно, градоначалникот на Битола Тони Коњановски најави дека годинава во рамки на „Бит фест“ ќе се најдат традиционалните фестивали меѓу кои и „Шекспир“.

    Директорот на Народниот тетар од Битола Иван Јерчиќ рече дека претставата „Макбет“ која е во копродукација на неколку театри можеше само на овој датум да гостува, а од претходно искуство знаеле дека „Бит фест“ започнува на денешен ден со фестивалот „Солстис“.

    „Направен е некаков превид и се надевам дека секоја од двете манифестации ќе си најде своја публика и се надеваме на полна сала“, рече Јерчиќ.

    На денешната прес-конференција од Народниот театар од Битола најавија дека фестивалот ќе трае од 23 до 29 јуни. На програмата се документарен филм „Во чест на великанот Шекпир“ на конзулката Лилјана Спировска, „Леди Макбет“ на Танцов театар Скопје, „Шекпир караоке реквием“ испит по авторска игра од класата на Дејан Пројковски, Универзитет Еуропа Прима и за затворање концерт на Мариа Жуао и „Електрик квартет“ од Португалија. Фестивалот ќе има и втор дел во октомври со претстава на Народен театар од Битола и „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

    Јерчиќ изјави дека иако беа најавени три македонски претстави работени по Шекпир, беа откажани, па и годинава фестивалот е без домашна театарска претстава работена по дела на авторот.

    „Не знам во што е проблемот. Мое лично мислење е дека тоа не е репертоарска политика, можеби прашање на некаков буџет. Јасно е дека едно дело на Шекспир не може да се постави со ограничен буџет, станува збор за многу ликови, костими, сценографија, претпоставувам дека во тоа е проблемот“, рече Јерчиќ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира