ВО ЈУНИ ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ПАТОТ КОН ВИЗБЕГОВО ОД КЛУЧКАТА МОМИН ПОТОК ДО БУЛЕВАРОТ СЛОВЕНИЈА

    ВО ЈУНИ ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ПАТОТ КОН ВИЗБЕГОВО ОД КЛУЧКАТА МОМИН ПОТОК ДО БУЛЕВАРОТ СЛОВЕНИЈАВо моментов се изведуваат работи на атмосферската канализација во средишното зеленило на булеварот Никола Карев, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот Словенија. (Фото: Град Скопје)

    До јуни ќе биде готов патот кон Визбегово на потегот од клучката Момин Поток до крстосницата со булеварот Словенија. Од Град Скопје велат дека интензивно се отстрануваат сите пречки кои со години го кочеа проектот за изградба на клучката Момин Поток.

    Во моментов се изведуваат работи на атмосферската канализација во средишното зеленило на булеварот Никола Карев, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот Словенија. Паралелно се работи и на левиот крак од новиот мост над Серава, преку кој ќе се одвива сообраќајот од раскрсницата со булеварот Словенија кон клучката Момин поток.

    „Со завршувањето на оваа делница целиот сообраќај од постојниот пат ќе биде пренасочен на новоизградениот коловоз, додека на местото на стариот пат ќе се оформат коловозни ленти со правец од клучката Момин Поток кон булевар Словенија, со што значително ќе се подобрат протокот и безбедноста во овој дел од градот. Целосно е исплатена експропријацијата за овој дел и според договорот, изведувачот треба да ја стави во функција оваа важна артерија за градот во јуни“, велат од Град Скопје.

    Клучката кај Момин Поток почна да се гради во јули 2021 во време на ексградоначалникот Петре Шилегов и треба да го намали метежот на влезот и излезот од Скопје. За таа цел се предвидува изградба на два кружни тека. Првиот на крстосницата кај булеварот 8 Септември и улицата Скупи е готов, а вториот треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек, улицата продолжува до крстосницата со булеварот Словенија, каде што се поврзува и со булеварот Босна и Херцеговина.

    Изградбата на клучката чини 18 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира