„Пред 10 години започнавме со потребата за зачувување на правата на жената и да се слушне гласот на текстилните работнички. Денес, зад нас се илјадници работници, независно од полот, кои добиле поддршка, стотици судски постапки, бројни иницијативи, партнерства и десет изданија на Текстилијада. Но, зад бројките стојат луѓе – работнички и работници, активисти, волонтери, партнери и пријатели кои веруваа дека со кренат глас промената е можна“, велат од „Гласен текстилец“, непрофитно и непартиско здружение со седиште во Штип, кое уште од стартот на своето постоење и активност покажа високо реноме, со сестрана работничка поддршка низ целава земја.
Претседателката и основач на „Гласен текстилец“ Кристина Ампева, вели дека нивната цел била и останува да се гради информирана и активна јавност, да ги препознава повредите на работничките права и да се вклучува во создавање подобри услови за работа.
„Нудиме бесплатна правна и параправна помош на работниците да ги препознаат, побараат и заштитат своите права, потоа бесплатни правни информации, советување, помош и поддршка при постапки пред инспекторати, судови и други надлежни институции. Работиме директно со работници и работнички, особено со лица од ранливи и маргинализирани групи и ги документираме повредите за да овозможиме пристап до права и системски промени и поттикнуваме информираност, самозастапување и навремено препознавање на прекршувањата“, вели Ампева.
„Гласен Текстилец“ обезбедува бесплатна правна помош од правен советник, обезбедува бесплатна правна помош за работниците во стратешки судски постапки од адвокати ангажирани од Здружението. Досега имало активности за над 500 судски процеси кои завршиле во корист на работниците, освен две на штета на обесправените. Се врши и мониторинг на судски рочишта и се иницираат постапки пред Државниот инспекторат за труд и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и се поднесуваат кривични пријави за потешки повреди на права од работен однос.
Ампева вели дека на одбележувањето на јубилејот, преку дебатни средби со поканетите гости од земјата и странство, ќе се сумираат и резултатите постигнати во овие 10 години, па ќе се набележат големиот број тренинзи за врснички едукатори и врсничка едукација во средните училишта, тематски работилници и голем број средби со работници од руралните и маргинализираните заедници.
Годинашново мото на Текстилијадата е „Наши права, наша иднина“, а според донесената програма за одбележувањето на 10-годишниот јубилеј, кое ќе трае од први до трети октомври, во Штип ќе се отвори петтиот мурал со истиот слоган, чиј автор е Никола Костовски, уметник од Скопје. На посебна дебата јавно ќе се иницира и формирање професионален детски театар во Штип. Трите дена ќе бидат проследени со голем број излагања на поканети гости кои ја познаваат проблематиката, ќе има повеќе модератори и учесници кои со свои размислувања ќе дадат придонес во зајакнувањето на работничките права.
Во рамките на јубилејот ќе се одржи и меѓународна конференција на која ќе учествуваат и долгогодишните соработници и поддржувачи на „Гласен текстилец“, Меѓународниот центар „Олоф Палме“ од Шведска, во партнерство со Фондацијата „Фридрих Еберт“ од Германија.
Т. ЈОВАНОВСКИ



