ВО КРИВОЛАК ДА СЕ НАПРАВИ РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА, НЕ ВО ПЕЛАГОНИЈА, ПОБАРАА НА ПРОТЕСТОТ ВО НОВАЦИ, КАДЕ ЕДЕН ЧАС БЕШЕ БЛОКИРАН СООБРАЌАЈОТ

    ВО КРИВОЛАК ДА СЕ НАПРАВИ РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА, НЕ ВО ПЕЛАГОНИЈА, ПОБАРАА НА ПРОТЕСТОТ ВО НОВАЦИ, КАДЕ ЕДЕН ЧАС БЕШЕ БЛОКИРАН СООБРАЌАЈОТНа протестот се приклучија жители од Битола, Прилеп, Новаци и Могила (Фото: СДК.МК)

    Со едночасовна блокада на патот во Новаци, жителите од Пелагонија ги продолжија протестите против изградба на регионална депонија во рудникот Суводол за 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот Регион. Тие веќе поднесоа предлог-иницијатива до Советот на Општина Новаци за распишување референдум, на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат дали се „за“ или „против“ регионална депонија на територијата на Новаци.

    Оставени сме на милост и немилост на филтрите во РЕК, на отпепелувањето во РЕК, на камионите што носат јаглен за РЕК, на депонијата во РЕК, а сега и отпадот од 18 општини сакаат да го донесат тука“, рече говорникот Тони Апостоловски.

    На протестот се приклучија жители од Битола, Прилеп, Новаци и Могила. Тие истакнаа две други решенија место регионална депонија во Пелагонија.

    Ако сакаат регионална депонија, нека ја направат во Криволак, пиле не пее таму, нема води, нема житници, деградирано е земјиштето и одговара за депонија. Второто решение е современа депонија во Мегленци, но да биде за трите општини како досега, за Битола, Новаци и Могила“, рече Зоран Лазаревски-Паљо.

    Од Министерството за животна средина досега во неколку наврати информираа дека е предвидено регионална депонија да биде изградена на девастирано/оштетено земјиште, а Студијата е во согласност со Директивата на ЕУ 2014/52/ЕУ за оценување на ефектите на одредени јавни и приватни проекти врз животната средина и со македонското законодавство. На депонијата ќе завршува најмногу до 50% од отпадот што се генерира во сите општини, бидејќи регионалниот систем предвидува примарна селекција на отпадот што може да се рецилкира и кој ќе заврши во инсталации за преработка. Со изградбата на регионалната санитарна депонија ќе се создадат услови за добро и контролирано управување со отпадот, како решение на сегашните проблеми за животната средина и здравјето што произлегуваат од стотиците диви ѓубришта во Пелагонискиот Регион и особено од штетното влијание на постоечката локација за отстранување отпад во Мегленци, која ја користи Општина Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира