На 15 локации во Куманово се поставени контејнери за одлагање текстилен отпад. Специјалните контејнери се наоѓаат во дворовите на градинките, на основните училишта и на уште неколку локации, каде што ќе бидат заштитени од уништување и празнење. Контејнерите ги поставува фирмата „Еко текс“, која е колективен постапувач за селекција на отпад во договор со Општина Куманово.
„Станува збор за висококвалитетни садови, не попусто се ставени во дворовите на образовните институции затоа што едукацијата почнува од тука, и сметам дека со ова ќе се стекне извесна навика кај населението непотребните текстилни производи да ги фрлаат овде, а не на јавни површини или да ги палат. Апелирам до населението да не ги уништува садовите и да ги користи што повеќе“, кажа директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски.
Претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска очекува поставување на контејнерите да даде резултати и да се зголеми свеста кај граѓаните, а да се намали сметот на јавните површни во градот.
Вакви контејнери досега се поставени во повеќе општини во државата и во компании за текстил, и на годишно ниво во државата се собираат 400 тони текстилен отпад.
„Од 2024 година досега ‘Еко текст’ има склучено 14 договори со општини кои се покажаа како општествено одговорни. Со законот се врши третман на текстилни производи што значи чаршави, завеси, килим и гардероба, целта е што помалку одлагање на текстиле отпад во депониите, туку да се преработува. Ние имаме договор со регистрирани компании за транспорт, третман и рециклирање. 90 отсто од собраните матерјали се рециклираат, она што е неквалитетен и мешан отпад се употребува како енергенс за затоплување“, вели претставникот на фирмата Фируз Мемед.
Досега, во собирање на текстилен отпад предничи Општината Арачиново, а потоа како мала Општина Зрновци.
Фирмата „Еко текс“ има обврска да ги празни контејнерите, а ако се отстапи од договор на двете страни имаат право да ја прекинат соработката.
С. НИКОЛИЌ