Во Македонија има премногу театарски фестивали и за нивно финансирање е потребно да се расчисти кој е локален, кој национален, рече кажа министерот за култура и туризам Зоран Љутков одговарајќи на нашето прашање дали буџетот на Министерството може да издржи толкав број театарски фестивали.
„Мислам дека реално имаме премногу фестивали, што локални, што национални. Тоа се некаде околу 23-24 театарски фестивали, дел се домашни, дел се интернационални. Мора да направиме редефинирање, што значи фестивал од локален интерес, што од национален интерес. Кои фестивали ги финансира државата и ги субвенционира Министерството за култура, а кои се тие што Министерството во целост ќе ги финансира“, рече Љутков по затворањето на театарскиот фестивал „5РЕ“ во Велес.
На Конкурсот за финансирање манифестации и фестивали од национален интерес во културата за 2026 година, поддржани се 16 театарски фестивали низ земјава, од кои најголема поддршка, 4 милиони денари (околу 65.000 евра), доби 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а најмала, 250.000 денари (околу 4.000 евра), 23. Ромски театарски фестивал „GARAVDE MUJA”.
Љутков кажа дека во тек е изработка на националната стратегија на културата, која ќе ги опфати театарските фестивали, но и националните установи.
П. ПЕЧКОВ



