Со стапувањето на сила на новите измени на Законот за електронски комуникации, Министерството за дигитална трансформација ќе може и поконкретно да се справува со нелегалните приредувачи на игри на среќа, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во Штип, каде денеска беше отворен третиот центар за дигитално сервисирање на услугите спрема граѓаните.
„Ние веќе изготвивме методологија за контрола и забрана за нелегалните приредувачи. На 2-3 недели, Државната лотарија ќе ни доставува извештај со табели на точни нелегални веб-страници кои приредуваат нелегални игри на среќа. Ние како Министерство, ја известуваме Агенцијата за електронски комуникации и истовремено праќаме налог кои се забранетите приредувачи и преку телеком операторите во рок од пет дена нелегалните веб-страници ќе бидат забранети и исклучени од јавна комуникација“, рече Андоновски.
Тој кажа дека според првичната проверка од Министерството, биле утврдени над 160 нелегални приредувачи на игри на среќа.
„Со забраната за таква дејност, всушност, правиме и обид да се одвраќаат граѓаните од такво онлајн учество во игри на среќа на нелегални веб-страници“.
Центри за дигитално сервисирање на услугите веќе има во општините Аеродром и Јегуновце, а засега дигитално се поврзани најмалку со шест државни институции.
Штипскиот центар е сместен во административната зграда на Општината и ќе биде електронски поврзан со повеќе институции, па ќе може на еден шалтер да се добијат повеќе документи, како што се обрасците М1 и М2 од Агенцијата за вработување, катастарски, ЕВН и други услуги. Центарот ќе работи од понеделник до петок, а според интересот на граѓаните ќе се одлучи дали оваа канцеларија ќе работи во две смени.
Т. ЈОВАНОВСКИ