ВО МАРТ ЌЕ СЕ ДОГОВАРААТ ДЕТАЛИТЕ, А ДО ОКТОМВРИ ТРЕБА ДА ЗАВРШАТ СИТЕ ТЕХНИЧКИ РАБОТИ ЗА ОТВОРАЊЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА

    ВО МАРТ ЌЕ СЕ ДОГОВАРААТ ДЕТАЛИТЕ, А ДО ОКТОМВРИ ТРЕБА ДА ЗАВРШАТ СИТЕ ТЕХНИЧКИ РАБОТИ ЗА ОТВОРАЊЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГАСредбата на двете делегации се одржа на самиот премин, кој е затворен од 1968 година. (Фото: СДК.МК)

    Македонија и Грција активно работат на усогласување и забрзување на постапката за отворање на граничниот премин Маркова Нога, изјави градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, по вчерашната средба со колегата од грчката страна Панајотис Паскалидис. Средбата се одржа на самиот премин, а двете делегации ги договорија активностите што следуваат во текот на целата година за рампата да се дигне што побрзо.

    „Има голема активност од двете страни. Мора прво да се урбанизира, да се направат конечни проекти со одобрение за градба, па да се усогласат катастарски. Предвиден е состанок на работните групи во средина на март во Солун, кога ќе се дефинираат сите детали. Очекувам сите технички работи да завршат до октомври, кога ќе се знае и вредноста на целиот проект и финансирањето со помош на Европска Унија“, изјави Гошаревски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Поради коронакризата беше одложен дел од средбите помеѓу претставници на министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Грција. Во меѓувреме, македонската страна продолжи со тековните работи за санирање на свлечиштето на патот кон границата.

    Останува најавата дека ЕУ ќе помогне финансиски во средувањето на граничниот премин. Уште пред пандемијата беше најавено дека беа обезбедени 4,5 милиони евра за отворање на преминот, а преку ЕУ фондовите до крајот на 2020 беа предвидени други 45,5 милиони евра за соработка на општини од двете страни на границата. Но, пандемијата одложи голем дел од активностите.

    Рампата на овој граничен премин е спуштена 53 години. Преку Маркова Нога-Герман некогаш се минувало само со лична карта, но во 1968 година беше затворен. Последното село на македонска страна Долно Дупени тогаш имаше 700 жители, а денес ни 100. Најблиското село од другата страна е Раби на два километра. Но, за да се стигне дотаму, се вртеше преку граничниот премин Меџитлија дури 100 километри, а со пандемијата и таму е забранет преминот за наши државјани.

    Додека жителите од Преспа очекуваат да се пушти Маркова Нога, веќе седум месеци е затворен преминот Меџитлија поради пандемијата, па трпи локалната економија и замреа патувањата, дружбите и прекуграничната трговија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира