Да се формира Комисија од советници кои ќе извршат ревизија и следење на сите договори, поддоговори и трансакции кои се склучувале во општина Битола во сферата на образованието во периодот од 2014 година до денес. Ова го побара советничката од опозицијата Габриела Илиевска на денешната седница на Совет во Битола.
„Тоа го барам зашто Талески има најнова кривична пријава во најава за голем финансиски скандал за спортот во Битола во изминатиот период. Локалната власт денес има можност да покаже дека не го поддржува и дека не е негово прикриено тело и дека сака транспарентно да одат одлуките во општина Битола. Некои од вас многу се секираат за животот во Македонија редно е да почнат да се секираатза животот во Македонија“, рече Илиевска.
Но, нејзиниот предлог не беше прифатен од локалното советничко мнозонство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
Истата советничка пред неколку години предложи да се формира комисија која ќе го испита работењето на Талески, уште пред да биде отворен случајот „Транспортер“. Тогаш исто предлогот беше одбиен. Токму затоа таа денес на говорница излезе со голема папка документи посочувајќи дека тоа е обвинителниот акт за Талески и дека во него се наоѓаат имиња на лица кои се инволвирани во случајот, а се уште се на своите функции.
Ж. ЗДРАВКОВСКА