Во наколната населба во месноста Мрдаја во Дојран имало врвни занаетчии. Ова е констатацијата на тимот археолози предводен од Зоран Рујак од струмичкиот Завод и музеј, откако таму деновиве беа пронајдени остатоци од праисториски сад со соларна декорација. Според Рујак, ова е уникатен наод и на друго место ваков сад досега не е откриен.
Наколната населба во Стар Дојран се истражува цела есен и пронајдени се голем број наоди кои укажуваат дека таму имало развиена населба од доцното бронзено време.
„Се работи за фрагмент од праисториски сад со соларна декорација, односно сонце со зраци. Ова е дел од поголема композиција на богато декориран сад, изработен од древните жители на наколната населба во месноста Мрдаја во Дојран пред повеќе од 3.200 години. Се работи за високо развиена праисториска заедница, која имала врвни занаетчии со вешти мајсторски раце. Има уште многу фрагменти од богато декорирани садови со разноразни претстави, што оваа населба ја прави една од најрепрезентативните од доцното бронзено време северно од егејскиот брег“, ни изјави Рујак.

Наколната населба во Стар Дојран се истражува цела есен и пронајдени се голем број наоди (Фото: СДК.МК)
Оваа наколна населба, според археолозите, била составена од повеќе платформи кои биле поврзани со дрвени мостови, за разлика од онаа во Охрид, која била на една платформа. Кај Мрдаја се откриени повеќе колци кои ги држеле платформите и мостовите и даваат една структурна целина на целата населба, каде што занаетчиството доминирало.
„Добивме потврда за одредени концепти за организираноста на населбата, за естетските и духовните навики на населението, а добивме и потврда дека во еден момент населбата настрадала од други народи, кои дошле од север“, вели археологот Рујак
Врз основа на добиените резултати и археолошки наоди, во Стар Дојран е планирана изградба на музеј на вода, што ќе биде реплика на наколната населба со објекти поврзани со мостови, за што струмичкиот Завод и музеј изработи проект. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во септември кажа дека идната година ќе се работи на основен проект, со цел Дојран да стане дестинација за културен и археолошки туризам.
„Во тек се заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, додека основниот проект за изградба на музејот се очекува да започне во 2026. Музејот, кој ќе биде поставен директно на површината на езерото, ќе функционира како ‘жив музеј на отворено’, со висока едукативна и туристичка вредност“, најави Љутков во септември при посетата на Дојран
В. ТРАЈКОВ



