ВО ОХРИД БЕШЕ МОГУ ЛОШО, ОВДЕ Е КАКО ВО ХОТЕЛ, ВЕЛАТ ШТИТЕНИЦИТЕ НА НОВИОТ ВОСПИТНО-ПОПРАВЕН ДОМ ВО ВОЛКОВИЈА

    ВО ОХРИД БЕШЕ МОГУ ЛОШО, ОВДЕ Е КАКО ВО ХОТЕЛ, ВЕЛАТ ШТИТЕНИЦИТЕ НА НОВИОТ ВОСПИТНО-ПОПРАВЕН ДОМ ВО ВОЛКОВИЈАВо домот сега има 18 штитеници на возраст до 18 години, кои се образуваат, изучуваат занает, садат зеелнчук и одгледуваат и кокошки и шатки. (Фото: З. Андонов)

    Откако во ноември минатата година беше пуштен во употреба воспитно-поправниот дом „Тетово“ кој се наоѓа во близината на село Волковија, условите во кои престојуваат неговите штитеници од ден во ден стануваат сè подобри. Во домот сега има 18 штитеници на возраст до 18 години, кои освен што вклучени во образовниот процес, изучуваат по некој занает, имаат мало земјоделско стопанство на кое садат градинарски производи, одгледуваат и кокошки и шатки, што создава услови за нивна успешна ресоцијализација.

    Од време на конфликтот од 2001 па до лани, штитениците од домот беа префрлани од една во друга казнена установа кои беа несоодветни за престој на малолетници. Ги носеа во затворот во Шутка, па во Велес и на крај во затворот во Охрид.

    „Во Охрид ни беше најлошо. Немаше никакви услови за престој ниту пак таму можевме нешто да учиме или да работиме. Немаше училници, немаше работилници, ништо немаше. Кога дојдовме овде, мислам ова е како да сме во хотел. Редовно идеме на настава, имаме работилници каде учиме занаети, храната е супер, а и чуварите се многу добри. Имаме терени за спорт и најмногу сакаме да играме кошарка со чуварите“, вели еден од штитениците на домот во Волковија.

    Во малата фонтана во кругот на домот три шатки и пет мали шатчиња се капат во водата.

    „За овие шатки, јас а и другите секојдневно се грижиме, ги пазиме и ги храниме а тие најмногу сакаат да се капат во фонтаната. Дома со камења фрлав по птиците, а сега овие многу ги пазам, тие се нашите миленичиња“, вели еден од најмалите штитеници од домот „Тетово“.

    Со условите за престој кои ги има оваа установа денес се запознаа министрите за правда Бојан Маричиќ и за образование Мила Царовска, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет и Наринe Сахакјан претставничка од УНДП го финансира образовниот процес за штитениците.

    „Во минатото, во меѓународните извештаи и во домашните извештаи поврзани со условите во воспитно-поправниот дом, редовно имаше сериозни забелешки за условите за престој, за храната, можностите за образование, за лекување и за условите за ресоцијализација. Денес сите тие работи се во многу подобра состојба. Со тоа што им се овозможи образование и сѐ друго што им се нуди тука на штитениците, ја постигнуваме целта на нашиот казноно-поправен систем. Сега е важно да го одржуваме доброто ниво на оваа институција, бидејќи воспитно-поправните домови и казнено-поправните домови се еден вид слика за државата“, рече министерот  Маричиќ.

    За министерката Царовска значајно е што овде се спроведува образовниот процес бидејќи образованието е основна алка за ресоцијализација и можности за изнаоѓање работа по излегувањето од ваква институција.

    „Образованието со години на ред беше предизвик во вакви институции. Сега, во оваа институција тоа се одвива редовно и квалитетно, а описменувањето се врши на секојдневна база. Во моментов, системот на плаќање на наставниците и во делот на дидактика е помогнат од УНДП, но кога во Собранието ќе се изгласа новиот Законот за образование, со кој за првпат формално-правно се регулира и системот на образование во воспитно-поправните домови, тогаш обврската за плаќање на образовниот процес ќе ја преземе државата. Тоа е значајно бидејќи така се обезбедува квалитет, но и одржливост на системот“, рече Царовска.

    УНДП досега успешно ги помагаше активностите околу образованието, а посебно во воспитно-поправните и воспитно-казнените установи.

    „Од 2016 година, реализираме доста активности почнувајќи со малолетниците во одделот на обезбедување на основното образование, а обезбедуваме и основно образование во затворите во Штип и Идризово. Тука беа вклучени 69 возрасни лица, со што до сега се обучени 300 осудени лица за разни вештини како готвачи, автозаварувачи, столари и други занаети со кои можат да излезат на пазарот на трудот“, рече Сахакјан.

    Хелсиншкиот комитет во Македонија долго време укажуваше на лошите услови кои владеат во затворските оделенија и во воспитно-поправните домови, но сега од оваа институција доаѓаат позитивни реакции на тоа како е решен овој проблем во домот „Тетово“.

    „Мене конечно ми претставува задоволство што при посета на воспитно-поправна установа можам да кажам дека влегувам во установа која им излегува во пресрет на нејзините штитеници. Овој исчекор што денес се прави со оваа воспитно-поправна установа треба да претставува мотивација истото да се случува и во другите установи од ваков вид“, кажа извршната директорка на Хелсиншкиот комитет Пировска.

    Директорот на оваа воспитно-поправна установа го нагласи значењето на образовниот процес кој овде се спроведува нагласувајќи дека не само што се работи на описменување на дел од штитениците или нивно завршување на започнатото основно или средно образование, туку се разгледуваат и можности и за понатамошно школување на некои од штитениците кои тоа го сакаат.

    „Регулиран ни е процесот на образование и на основно и на средно образование, а заедно со Здружението на млади правници сме во преговори и за упис и на факултет на некои од овие деца што се во нашава институција. На овој начин, сакаме што е можно повеќе да им го олесниме нивниот престој и од овде да излезат како образовани и целосно ресоцијализирани личности. Освен за образование, големо внимание посветуваме и на здравствениот аспект. Во ова време на пандемија досега ниту еден штитеник не е позитивен на ковид-19. Во изминативе 4 месеци на сите штитеници на два пати им е испитана крвната слика, испитано им е и присуство на антитела и сите други потребни анализи, а резултатите кажуваат дека штитениците ни се во извонредна здравствена состојба“, вели директот на Домот Даниел Антоски.

    З. АНДОНОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира