Желбата за подобар живот, помислата за лесни и брзи пари го донесе на дното 53-годишниот охриѓанец Мирче Крстески, кој повеќе од половина живот поминал во казина и обложувалници. Огромните долгови го натерале и на помислата да посегне по животот, но секогаш коцкарскиот адреналин го враќал во коцкарница за да ги поправи „грешките“ и да се извлече од проблемите. А во тој магичен круг секогаш сè повеќе тонел.
„Се коцкав до скоро, трауми секакви, крајно е до помислување на одземње на сопствениот живот, не ти се живее повеќе, ги сакаш овие околу тебе, мислиш на нив дека со тој чин ќе ги спасиш луѓево од себе си, вели Крстевски, кој денес е основач на здружението за едукација и превенција од хазардни игри „Кво вадис 021“ кое делува под мотото „Коцкањето е проблем за целото семејство“.
„На почетокот некако се контролирав, но апетитите постојано се зголемуваа. Се случуваше да изгубам сè, а кога немав пари често позајмував. Тогаш животот ти станува пекол, постојано мислиш како да вратиш, но и како да најдеш пари за повторно да се коцкаш. Семејството и тие кои најмногу ги сакаш ги уништуваш, но одиш повторно да се коцкаш за да се извадиш од проблемот. Долговите стануваат сè поголеми. Човек не може да спечали и да врати за еден човечки живот, а најголем влог е токму животот“, кажува Крстевски и додава дека кога машината ќе те земе под свое семејството се уништува, а како последица од ова патолошко коцкање во Охрид имало и неколку смртни случаи.
„Проблемот не успеав да го надминам целосно ниту да го спасам семејството од проблемите во кои западнав. Коцкањето е стара болест, патологија која го следи човекот но денес со развој на технологијата не може да се контролира“, вели Крстевски.
Крстевски вели дека здружението има за цел да им помогне и да ги едуцира пред сè младите лица за опасноста од овој порок, оти и тој самиот ја поминал младоста во темните простории на казината.
„Започнав со коцкањето во 1991 година, работев како шанкер, со колега одлучивме да пробаме со мала сума пари, 50 денари, и подобро да не го сторевме тоа, порокот траеше до скоро“, вели тој.
Старосната граница се спушта, коцкањето станува порок и на деца од 13-14 годишна возраст, оти коцкарниците им се премногу достапни. Само во Охрид има над 50 обложувалници и казина, колку што нема образовни институции, велат од здружението „Кво вадис 021“.
„На луѓето им е премногу достапно коцкањето, дури и децата кои се малолетници и постари малолетници доаѓаат до степен да им дадат пари на постари врсници за да се обложуваат за нив“, вели Крсте Пурцов.
Според истражувањето од 2017, 13,6 проценти од учениците изјавиле дека се коцкале за пари во изминатата година, каде најчесто или 16,2 проценти станува збор за кладење во спортска обложувалница, 10,8 отсто играње карти, лотарија, бинго и 4,7 проценти играње на слот машини. Овие бројки покажуваат дека младите сè повеќе се навлечени на игри на среќа, коцка и казино.
Правниците оценуваат дека со сегашниот предлог за измени во Законот за игри на среќа, со кој се предлага само дислокација на казината и обложувалниците од учлиштата, нема да се спречи патолошкото коцкање.
„Со сегашниот Предлог- закон и измени на Законот за игри на среќа и забавни игри и автомати се предлага само дислокација на објектите кои имаат лиценца за ваков вид на дејност на одалеченост од образовните институции. Тоа по наше мислење е премалку бидејќи треба да се спречи патолошкото коцкање, а не коцкањето од забава, ако може да се донесе законско решение да се даде изјава со која играчниците ќе бидат запознаени дека одредено лице е патолошки коцкар и дека не смеат да му овозможат да пристапи, тогаш ќе спасиме живот, бидејќи коцкањето е болест“, вели адвокатот Љупчо Наумоски.
Од „Кво вадис 021“ потенцираат дека проблемот мора да се решава низ системот на државата, да се делува превентивно, а пред самиот влез на казината и обложувалниците да се делат едукативни флаери за запознавање со овој порок.
„Ќе бараме на прва страна од билтен во кладилница да има предупредување во кое ќе стои што сè може да предизвика коцкањето, да се запознаат луѓето дека како што има штетност од дрога, цигари, алкохол, дека исто така и коцкањето спаѓа во тие болести и од најмала возраст да се делува превентивно и кај децата“, додава Крстески.
С. ВРЕНЦОВСКА