Во Музејско–културниот центар „Лапидариум“ во Охрид синоќа беше отворена изложбата „Патот на фреската“ од Ангелина Спировска и Владо Мукоски. Авторите се претставија со 17 дела изработени во текот на годината, изведени во автентична фреско техника, но со мотиви и пораки кои говорат на јазикот на денешнината.
„Изложбата на современи фреско слики претставува современ визуелен дијалог со традицијата“, велат авторите.
„Идејата е од самата наша професија, работиме со заштита на културното наследство, со фреско-сликарство, вредното византиско сликарство а од друга страна не поттикна тоа што никој нема работено во оваа техника. Сакаме не само да го сочуваме културното наследство туку и да го продолжиме во таа фреско техника но гледано од современата гледна точка да се направи нешто ново, нешто со современа тематика. Фреските не се само фреските што ги гледаме во црквите, фреска може да биде било што што е насликано на влажен малтер“, вели Спировска.
Владо Муковски вели дека иако е голема традицијата на фреско-сликарството за првпат се изложуваат уметнички слики работени на влажен малтер.
„Предизвикот беше голем, ова е сериозeн зафат, да се направи носач, тој малтер треба да стои, да е со сите техники за едно фреско сликарство но предизвикот беше уште поголем што оваа изложба одлично се вклопи во амбиентот тука во Лапидариумот, тука имаме археологија, имаме артефакти“, кажа Муковски.

Изложбата е во организација на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, а со поддршка од Министерството за култура и туризам. (Фото: СДК.МК)
Ангелина Спировска и Владо Муковски се академски ликовни уметници и конзерватори за ѕидно сликарство, кои повеќе од две децении активно дејствуваат во полето на уметноста и заштитата на културното наследство. Нивниот заеднички интерес за фреско техниката ги води кон истражување и создавање на современи дела изведени во оваа многу стара и заборавена сликарска техника.
Како уметници и професионални конзерватори на ѕидно сликарство, Спировска и Муковски го користат своето професионално знаење и искуство за да создадат дела што не се само технички доследни на фреско техниката, туку и естетски концептуално предизвикувачки. Инспирирани од духот на византиското сликарство, авторите го ослободуваат фреско изразот од сакралната догма и го пренесуваат во едно ново, уметничко и современо значење.
Изложбата е во организација на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, а со поддршка од Министерството за култура и туризам.
С. ВРЕНЦОВСКА