Да се помогне и подаде рака на лица во заедницата е главното мото на Танкица Стојанова од Струмица, која 13 години е волонтер при струмичката организација на Црвениот крст. Таа беше прогласена како еден од најистакнатите волонтери во земјава, а на манифестацијата по повод Светскиот ден на волонтерството „Хероите меѓу нас – Незапирливи’’ од страна на Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски, доби Благодарница за придонес во реализацијата на целите и задачите на Црвениот крст во 2021 година.
Танкица е актер при струмичкиот театар, a слободното време го поминува во Црвен крст во Струмица каде е дел од сите активности и проекти. Држи обуки и предавања на младите на тема Прва помош, а честопати е на терен и помага на социјално загрозените семејства.
„Првите чекори во Црвениот крст беа во 2008 година, кога случајно бев дел од проектот Црвениот крст во акција – Промоција на хумани вредности како алатка за вмрежување на волонтерите. Ми се допадна начинот на комуникација и работите кои ги учеа и решив да станам волонтер оти почувствував дека организацијата е како семејство. Да се биде волонтер според мене е единка во заедницата која што излегува од својата комфорт зона. Лице кое несебично го споделува своето време да научи нови работи и да биде помош во заедницата“, вели Стојанова која досега во струмичкиот театар има одиграно 15 улоги.
Стојанова е секогаш насмеана и позитивна личност. Постојано е активна. Во Струмица ја препознаваат како хуманист и посветена личност. Од почетокот на пандемијата на ковид-19, таа постојано беше на припомош на социјално загрозените семејства, носејќи пакети храна, а цели 5 месеци работеше и во регионалниот вакцинален пункт. Постојано држи часови за Прва помош, презентира техники како да се помогне во клучни моменти, како при сообраќајки, така и при секакви повреди. Вели дека стекнатите вештини ги има искористено.
„Човек мора да знае основни техники за Прва помош да помогне. Сум била и во такви ситуации. Личност колабираше и беше во бессознание но благодарение на курсевите кои сум ги посетувала ја ставив во странична положа и успеав да и го спасам животот. Се најдов на лице место на сообраќајка во која имаше двајца повредени при што на едно лице помагав односно интервенирав за да не дојде до животно загрижувачка состојба. Не сакам такви ситуации но кога се случуваат мора човек да знае да постапи и да помогне но доколку знае и има стекнато вештини“, вели Танкица која при крајот на ова недела ќе има премиера со новата претстава „Бракот на Марија Браун“ во струмичкиот театар.
Младата струмичанка смета дека младите треба да се вклучат во волонтерската организација на Црвениот крст и да бидат во корист од заедницата. Според неа, од една страна тие ќе стекнуваат нови вештини, а од друга страна ќе помагаат на целни групи на кои им треба помош.
„Во ова време-невреме да се почитуваме повеќе меѓусебно, да си помагаме и да шириме љубов добрина и позитивна енергија. Апелирам до младите да станат волонтери да го променат своето секојдневие и да бидат нечие сонце во тмурен ден“, ни кажа Стојанова.
Освен Танкица, на манифестацијата „Хероите меѓу нас – Незапирливи“ беа доделени признанија и на други 10 волонтери од земјава кои несебично се залагале оваа година да бидат во корист на заедницата и ги реализирале предвидените цели и задачи на Црвениот крст на Македонија.
В. ТРАЈКОВ