ВО ПРЕКИН СООБРАЌАЈОТ КАЈ СТРАЖА И КОН ДЕВЕ БАИР, ПОРАДИ СНЕГОТ ИЗЛИЗГАНИ ВОЗИЛА КАЈ БИТОЛА

    ВО ПРЕКИН СООБРАЌАЈОТ КАЈ СТРАЖА И КОН ДЕВЕ БАИР, ПОРАДИ СНЕГОТ ИЗЛИЗГАНИ ВОЗИЛА КАЈ БИТОЛАУтре наутро ќе биде студено, а уште од ноќта ќе дува повремено силен северен ветер (над 70 км/х) најизразен вдолж Повардарието и во источните делови. Претежно на североисток ќе има услови да провејува слаб снег, вели УХМР. (Фото: Аматерска фотографија)

    Прекинат е сообраќајот на патниот правец кај превојот Стража, поради попречено возило на патот кај Тајмишка Раскрсница, а на патниот правец Ресен-Битола се одвива отежнато поради наноси од снег, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    „Регионалниот ЦУК Охрид, известува дека поради попречено возило на патот кај Тајмишка Раскрсница кон превојот Стража во моментот патниот правец е во прекин, при што се создаваат колони со возила. Екипите на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта работата на расчистување на патниот правец на превојот Стража“, велат од ЦУК.

    Според Регионалниот ЦУК Битола,  сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола се одвива отежнато поради наноси од снег и имало повеќе возила кои се лизнале од патот.

    „Екипите на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта и на овој патен правец работеле за расчистување на наведениот патен правец“, додаваат од Центарот.

    Од 16:30 часот, патниот правец Крива Паланка – граничен премин „Деве Баир“ е затворен за тешки товарни возила, според известувањето на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта. Од ЦУК додаваат дека поради врнежите од дожд и од снег, што ја зафатија територијата на државата, се јавуваат дефекти на електродистрибутивната мрежа на повеќе локации во државата. Тимовите на ЕВН веќе се ангажирани за отстранување на дефектите за непречено снабдување со електрична енергија во реоните.

    Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до 13 часот, на Попова Шапка наврна 15 сантиметри снег, 9 во Маврови Анови, 4 во Лазарополе и 3 во  Дебар.

    УХМР соопшти дека утре наутро ќе биде студено, а уште од ноќта ќе дува повремено силен северен ветер (над 70 км/х) најизразен вдолж Повардарието и во источните делови. Претежно на североисток ќе има услови да провејува слаб снег.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира