Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ кој во март 2023 година беше избришан од Централниот регистар, пак работи. Во петокот вечер во клубот се славеше 1 ноември, празник на будењето на бугарскиот народ и просветители. Говорниците рекоа дека ќе објавуваат оригинални литературни творби без интервенции направени од македонска страна.
Приватниот културен центар беше избришан од Централниот регистар, откако тогашниот министер за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се одби барањето бугарското здружение да го користи името на Михајлов, соработник на фашистите во Втората светска војна.
Настанот се случува три дена пред големиот празник, 80 години од ослободувањето на Битола од фашистичкиот окупатор.
Бугарите од Битола го презентираа третото издание на „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински од 1928 година како дел од бугарското културно наследство и олицетворение на борбите и стремежот за слобода на Бугарите. Говорникот Калин Крумов рече: „Сижето е познато, двајца млади се вљубуваат, Турците ја грабаат девојката, а Бугарите се спротивставуваат“.
„Одлучивме да ги публикуваме оргиналните текстови без поправки – Бугарка да се чита Македонка, Бугарија да се чита како Македонија“, рече Крумов.
Иако бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ беше избришан од Централниот регистар, тој продолжува со одржување активности во истиот објект во кој беше и претходно сместен на улицата Рузвелтова во некогашното Еврејско маало во Битола. Таму годинава за 24 Мај, празникот на Светите Кирил и Методиј беше одржана промоција на фотоизданието „Голема бугарска читанка или втор дел од бугарскиот буквар на наречје повразумително за македонските Бугари“ на Кузман Шапкарев од 1868 година.
Ж. ЗДРАВКОВСКА