ВО ПРИЛЕП ИМА 76 СТЕЧАИ ЗА ПОЛА ГОДИНА

    ВО ПРИЛЕП ИМА 76 СТЕЧАИ ЗА ПОЛА ГОДИНАСамо до мај годинава се отворени 76 стечајни предмети, а најголеми дел од нив се веќе решени, велат од Основен суд Прилеп;- многу дуќани се издаваат во Старата чаршија (Фото: СДК.МК)

    „Дуќанот се издава“ е пораката испишана на стара хартија и залепена на излозите од многу објекти во Старата чаршија во Прилеп. Низ стаклата се гледаат празни простории. Сликата е иста со месеци. Интересот за почнување нови бизниси не само што не расте, туку нагло опаѓа. Сѐ поголем е бројот на малостопанствениците, што се одлучуваат да ја затворат фирмата, да прогласат стечај, зашто немаат избор.

    „Еве еден месец откако фирмата ја затворивме, отворивме стечајна постапка која што брзо финишираше. Од една страна, огромно ни е разочарувањето што 6-мината вработени останаа без работа, без сигурна егзистенција, но немавме избор. Долговите од ден на ден се зголемуваа, кај нас растеше нервозата, а прометот опадна нагло. Луѓето немаат пари едноставно, а во лето градот е празен. Освен тоа, Прилеп се испразни, многу луѓе се иселија“, велат двајца сопружници што сакаат да останат анонимни, но не го кријат разочарувањето од условите за стопанисување во Прилеп.

    Прилеп се испразни, многу луѓе се иселија, бизнисите се затвараат (Фото: СДК.МК)

    Од прилепскиот Основен суд потврдуваат дека само до мај годинава се отворени 76 стечајни предмети, а најголеми дел од нив се веќе решени.

    „Во јануари, 2017, од преходната година се пренесени 13 стечајни предмети, отворени се нови 76, сите се ставени во работа, а од нив досега 69 случаи се решени. Предметите се решаваат експедитивно, законските рокови се почитуваат, постапуваме леге артис во сите предмети“, вели судијата Јане Тренчески, претседател на Основен суд во Прилеп.

    Дека стечаите се секојдневие во прилепското стопанско сивило кое трае со години, потврдуваат и податоците дека во 2009, кога покрај пренесените 38 предмети од претходната година, во судот се отворени 281, а решени вкупно 283 предмети.

    М. ТАЛЕСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира