Во наредните три години, во Радовиш ќе се гради мини топлана за загревање на неколку јавни институции. Средствата од приближно милион евра се обезбедени во рамките на проектот „ЕУ за општините“. Веста ја потврди и градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, кој нагласи дека придобивки од овој проект ќе имаат основните и средните училишта, градинката и општинската зграда, а топланата ќе работи на обновливи извори на енергија.
„Планирано е со овој систем да се загреваат шест објекти во Радовиш. Станува збор за јавни институции кои се под капата на општината. Мини топланата ќе биде со комбиниран систем, при што ќе се користат фотоволтаици и соларни панели, но и пелети, за што ќе се користи отпадот од дрвена граѓа“, ни изјави Ристов.
Пред неполна недела, Министерството за локална самоуправа објави дека ЕУ ќе финансира проекти во осум општини: Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и Град Скопје. Кофинансирањето од 15 проценти ќе го покрива Министерството, со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.
Во Струмица се предвидува проектот „Струмица паметен вело град“, со изградба на велосипедска инфраструктура од околу 13 километри и набавка на мобилни велосипеди. Од одобрените осум проекти, два нудат иновативни решенија за управување со цврст отпад, два проекта се за подобрување на урбаната мобилност и по еден проект за инклузија на лица со попреченост, дигитализација на локалните услуги, енергетска ефикасност и за развој на туризмот.
В. ТРАЈКОВ