Штипјани денеска им оддадоа почит на загинатите војници Димитар Двојаковски и Влатко Петров, кои пред 24 години беа убиени кај селото Ваксинце во заседа на УЧК. На спомен-обележјето на загинатите бранители, кое се наоѓа во спомен-паркот Кртеќе во Штип, најблиските од нивните семејства и претставници на Општина Штип и АРМ положија цвеќиња.
Во говорот беше речено дека и двајцата еден ден пред да бидат убиени се слушнале со семејствата. Двојаковски, кој бил припадник на единицата „Скорпиони“, на сопругата и едногодишниот син им рекол дека на 3 мај ќе си дојде дома оти ќе користи викенд, а Петров кажал дека наскоро ќе се врати и ќе прави свадба.
На 3 мај 2001, Двојаковски и Петров биле во воен транспортер со вкупно седуммина припадници на АРМ и се движеле кон Ваксинце, Општина Липково, каде налетале на заседа. Без никакво предупредување, повеќе од 70 припадници на тогашната УЧК почнале да пукаат од сите страни и ги убиле сите кои биле во армиското возило.
Т. ЈОВАНОВСКИ