Штипското јавно претпријатие за водоснабдување „Исар“ почна со широка акција на откривање на дивоприклучените граѓани на водоводната мрежа. Формирани се посебни работни групи, а и инкасаторите ќе работат на терен во откривањето на водокрадците.
Оваа мерка уследи откако беа откриени неколку случаи на дивоприклучени, но се смета дека има голем број граѓани кои со вода се снабдуваат на диво без да плаќаат за тоа. Биле откриени и повеќе дивоградби и тоа во т.н. зона на заштитени води, кои веќе се евидентирани од градежните инспектори и дивите објекти се отстранети.
„Градењето на бесправни објекти во овие заштитени зони претставува сериозна опасност која истовремено доведува до ризик на загадување на водата за пиење. Од една страна се подигнуваат бесправни градби, а од друга страна се врши и нелегално приклучување кон водоводниот систем што оди на директна штета на оние граѓани кои уредно ја плаќаат потрошувачката на водата за пиење“, вели директорот Живко Тасев.
Тој најавува дека истовремено ќе се работи и на откривањето на загубите на водата што настануваат од дефектите, а и со наводнувањето на зелените површини. Се смета дека половина водата за пиење во Штип се губи. Тоа значи дека ако Штип троши 300 кубни метри вода во секунда, 50-60 проценти од овие количества се губат и заминуваат во канализациониот систем без да се евидентираат.
Т. ЈОВАНОВСКИ