Старото кино „Партизан“ кое денес е руиниран објект, ќе започне да се реконструира во следните 15 дена, најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој денес посети дел од културните установи во Битола.
„Договорот го потпишав пред два дена, избран е изведувачот и надзорот на објектот со буџет одобрен од 94 милиони денари или околу 1 милион и пол евра. Со тоа што е потпишан договорот, сите постапки се завршени, па се надевам дека во следните 15 дена ќе дојдам пак во Битола и ќе го означиме стартот на реконструкцијата, санацијата и адптацијата на старото кино ‘Партизан’“, рече Љутков.
Киното „Партизан“ ќе биде под надлежност на Народниот театар од Битола. Неодамна директорот на Театарот, Васко Мавросвки, се пожали дека установата ја наследил од претходното раководство со долг од 65.000 евра. Министерот Љутков за долгот рече дека ќе го покријат само ако е наменски, ако трошењето било ненаменско ќе следува тужба.
„Работата на директорот и на инстуитуциите е да го истражат овој случај, да видиме дали тие средства се неоправдани, доколку се неоправдани, слеуваат тужби, а доколку се оправдани ние сме должни како Министерство во следниот период да ги покриеме за да може институцијата да функционира“, рече Љутков.
Министерот додаде дека се издвоени средства за реставраторски зафати во Завод и Музеј, за археолошките истражувања во локалитетот Градиште и конзерваторски и реставраторски работи во Јени Џамија или вкупно 12 милиони денари што е тригодишен буџет за секоја година да не мора да распишуваат тендери. Како позитивен пример ја посочи сувенирницата која Завод и Музеј ја обнови со сопствени средства.
Ж. ЗДРАВКОВСКА