ВО СООБРАЌАЈНИ НЕСРЕЌИ ГОДИШНО УМИРА ПО ЕДНО СЕЛО

    ВО СООБРАЌАЈНИ НЕСРЕЌИ ГОДИШНО УМИРА ПО ЕДНО СЕЛОЛани во сообраќајки загинаа 155 лица, а просечно годишно гинат над 160, или колку што има жители едно просечно село во Македонија (Фото: СДК.МК)

    Во Македонија годишно во просек 160 лица гинат сообраќајни несреќи, беше речено на  состанокот што го организираше Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот со претставници на полицијата и другите стручни лица од областа на сообраќајот во Општина Куманово.

    „Мината година загинаа 155 лица. Јас велам, едно просечно македонско село изумира од сообраќајни незгоди. Тоа е сериозен проблем со којшто се соочуваат сите современи општества и Република Македонија. Статистиката покажува дека во пораст е бројот на загинати лица во населно место. Затоа, во наредниот период акцент ќе ставиме на однесувањето во сообраќајот на локално ниво“, рече Ристо Манчев, секретар на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП).

    На подрачјето на СВР Куманово минатата година во сообраќајни несреќи загинале 6 лица, а 65 се тешко повредени. Кумановскиот не спаѓа во најзагрозените региони.

    Како најчести причини за сообраќајните несреќи се неприлагодена брзина, возење под дејство на алкохол, непочитување на правец при движење и непрописно престигнување. А човечкиот фактор е најчеста причина за сообраќајните несреќи.

    Републичкиот совет иницира работни средби со стручни лица во општините заради анализа на моменталните состојби, дефинирање на конкретни мерки и изработка на заеднички акциони планови за безбедноста во сообраќајот на патиштата.

    С. НИКОЛИЌ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира