ВО СТОБИ НЕ ГО НАЈДОВМЕ АЛЕКСАНДАР, АМА НЕ ГО НИ БАРАВМЕ, СЕ ШЕГУВААТ АРЕОХОЛОЗИТЕ НА КРАЈОТ НА ИСТРАЖУВАЊАТА ЗА 2025

    ВО СТОБИ НЕ ГО НАЈДОВМЕ АЛЕКСАНДАР, АМА НЕ ГО НИ БАРАВМЕ, СЕ ШЕГУВААТ АРЕОХОЛОЗИТЕ НА КРАЈОТ НА ИСТРАЖУВАЊАТА ЗА 2025Завршени се истражувањата на Градбата со арки, репрезентативен објект со богато украсена сала, кој потекнува од 2 век, а откриено е дека ѕидовите биле декорирани со мермер во различни бои, кои потекнуваат од Македонија, Тесалија и Мала Азија. (Фото: СДК.МК)

    Завршија археолошките истражувања на локалитетот Стоби за 2025 година, а археолозите на шега велат, „И оваа година не го најдовме Александар, ама не го ни баравме“. Деновиве се прекрија бројните мозаици како заштита од ниските температури, а ќе бидат откриени во април. Од тоа што досега е откриено, карактеристика на јавните објекти во Стоби е што имаат прекрасни мозаици. Оние од Епископската базилика се одамна познати, а летово се работеше на Градбата со арки и на Теодосијанската палата.

    Завршени се истражувањата на Градбата со арки, репрезентативен објект со богато украсена сала, кој потекнува од 2 век. Откриено е дека ѕидовите биле декорирани со мермер во различни бои, кои потекнуваат од Македонија, Тесалија и Мала Азија. Станува збор за импресивна градба за чија декорација археолозите проценуваат дека тежела околу 4 тони.

    „Годинава работевме на истражувања на северниот ѕид, на Градбата со арки. Ѕидовите не биле само камен и цигли, туку прекриени со мермерни плочи во различни бои. Декорацијата од четири метри високи ѕидови и широки метар и пол, беше падната и изгорена. Сето тоа го собравме, сега во лабораторијата се истражува, анализира, обработува. Така за градбата знаеме дека прво била оштетена од земјотрес, па период на соголување кога мермерот бил однесен и користен на други места, па запален, па затрупан долниот спрат, а горниот обновен. Најдовме фрагменти од столбови, капители, дводимензионални релјефи“, вели археологот Гоце Павловски од Националната установа (НУ) „Стоби“.

    Засега не може да се каже која е функцијата на објектот, но познато е дека долниот кат била сала за церемонии која била богато украсена, a имала и скулптури. На горниот кат каде имало дрвена галерија, се претпоставува дека имало плакари за книги. Археолозите сметаат дека објектот е хибрид на јавна сала за градски свечености и градска библиотека или Стобиски гимназиум.

    Оваа година се работеше и конзервација на архитектонските остатоци од Теодосијанската палата, уште еден репрезентивен објект на локалитетот Стоби. И него го красат прекрасни мозаици. Теодосијанската палата го добива името по претпоставката дека императорот Теодосија Први престојувал во неа при посетата на Стоби во 388 г.н.е. Во оваа фаза биле конзервирани 12 ѕидови со различна оштетеност, со што целосно се заштитени ѕидовите што формираат шест простории од југозападниот дел на палатата.

    Пристапот „конзервирај како што е најдено“ овозможува автентично зачувување на архитектонските остатоци, велат археолозите.

    „Следната година напролет и во почетокот на летото очекуваме дека ќе се третираат уште неколку ѕидови, по што овој најрепрезентативен резиденцијален објект во Стоби конечно ќе биде целосно конзервиран. Вклучени се и мозаичните подови на Теодосијанската палата, кои ги има во осум простории. Две се изработија во оваа етапа, две во минати етапи. Во 2023 откривме мозаик со претстава на Дионис, кој дополнително ќе се работи“, вели археологот Димитар Николовски.

    Во овој период од годината се работеше и на населбата од југозападниот дел на локалитетот. Тоа е резиденцијален и комерцијален кварт на 8.000 квадратни метри. Целта на ова истражување е да се испита животот на обичните стобјани, наспроти богатите јавни градби.

    „Локалитетот се наоѓа на највисоката тераса од населбата до една од двете откриени порти, Порта Хераклеа и спроти најголемата христијанска црвка Епископската базилика. Населбата е од крајот на 6. век и почетокот на 7. век. За да има во еден град богато декорирани објекти, треба да има некој што ги одржува, некој кој ги гради, да има кој продава во продавница, да има ковач, изработувач на керамика и стакло. Откривме 14 објекти, работиме на конзервација на два. Работиме на проекти за конзервирање на 4 објекти од рановизантиско време“, рече Николовски.

    Во текот на околу 40 работни дена, во периодот 6 октомври-25 ноември, бил конзервирани девет ѕидови со употреба на традиционални техники и автентични материјали. Врзивното средство е подготвувано на терен, од локален песок, вар гасена на дрва, вулкански туф – поцолано и вода – пристап што придонесува да се задржи оригиналниот изглед и текстура на архитектонските остатоци.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира