ВО СТРУМИЦА ОТВОРЕН СТАЦИОНАРОТ ЗА УЛИЧНИ КУЧИЊА „ЛАНА“

    ВО СТРУМИЦА ОТВОРЕН СТАЦИОНАРОТ ЗА УЛИЧНИ КУЧИЊА „ЛАНА“Стационарот располага со 58 индивидуални боксови, амбуланта и хируршка сала каде уличните кучиња ќе бидат згрижени, стерилизирани, вакцинирани. (Фото: СДК.МК)

    Почна да функционира стационарот за бездомни кучиња „Лана“ во Струмица. Стационарот располага со 58 индивидуални боксови, амбуланта и хируршка сала каде уличните кучиња ќе бидат згрижени, стерилизирани, вакцинирани и ќе имаат престој одреден временски период. „Лана“ располaга и со две возила со по 6 кафези со кои ќе се врши заловување на кучињата по струмичките улици кои станаа горлив проблем. Во стационарот веќе се згрижени педесетина бездомни кучиња кои се сместени во боксовите.

    „Наша цел е стационарот ‘Лана‘ да биде привремен дом за уличните кучиња, место каде ќе бидат згрижени, безбедни. Место каде ќе може да се сретнат лубителите на кучињата, но и можност да вдомат некое“, кажа директорката Сузана Стојкова.

    Стационарот „Лана“ е резултат на повеќегодишната иницијатива и заложба на Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион кој го изгради и обезбеди возила за заловување на уличните кучиња. Требаше да функционира како регионално претпријатие, но по последните локални избори новоизбраните градоначалници одлучија основачките права да ѝ ги префрлат на Општина Струмица која покажа интерес да има свое јавно претпријатие за таа намена.

    „Ова е почеток на решавање на еден горлив проблем. Се надевам дека стационарот ќе ги дава очекуваните резултати. Ме радува фактот што веќе постои интерес од граѓани што сакаат да вдомат кучиња од овој стационар и на ова поле мора да се работи. Инаку, ова јавно претпријатие ќе биде самоодржливо бидејки веќе се потпишани договори со други општини за заловување. За отворање на стационарот вложивме околу 7 милиони денари, а годинава за работа од буџетот се издвоени 4,5 милиони денари“, рече градоначалникот Костадин Костадинов.

    Лани во Струмица биле регистрирани триесетина граѓани каснати од улични кучиња чиј број е зголемен, за што општинските власти сметаат дека се носат од други општини во Струмица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира