Во централното градско подрачје на Штип, во непосредна близина на Трговскиот центар и стариот хотел „Гарни“, во минатиот век функционираше првото забавиште во градот. Оваа предшколска установа во Штип уште на почетокот прифати голем број деца кои таму беа во целодневен престој.
Стотици деца, сѐ до 70-тите години од минатиот век, своето слободно време го поминуваа во забавиштето како почетна основа за нивното прво одделение. Според постарите штипјани, еден период пред да се отвори забавиштето, оваа зграда била и суд. Општина Штип почна да ја урива поради нејзината дотраеност и склоноста да падне.
„Во овој и соседниот стар објект, кој исто така повеќе од половина век е руина, со години живееја диво вселени семејства од ранливите категории. Старото забавиште, дури во една прилика пред неколку години, се запали. Противпожарните единици спречија гредите да се урнат, но опасноста од паѓање беше уште поголема. За семејствата кои овде беа сместени, изградивме цела населба типски куќи кои овие денови се во функција и ги примаат првите станари“, велат од Општина Штип.
За Деталниот урбанистички план (ДУП) за оваа локација сѐ уште нема конкретно решение, но по расчистувањето на теренот и до конечната одлука, овде се планира комплетно уредување на просторот. Планирано е да има зелена површина и простор за паркинг, затоа што се наоѓа во центарот на градот кој има голем недостиг на паркинзи, велат општинарите.
Т. ЈОВАНОВСКИ



