КЛАСИЧНА ИНЖЕНЕРСКА ПРОСТИТУЦИЈА НИ СЕ СЛУЧУВА ВО УРБАНИСТИЧКОТО ПЛАНИРАЊЕ, ВЕЛИ ДЕКАНОТ НА ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ ГОРАН МАРКОВСКИ

    КЛАСИЧНА ИНЖЕНЕРСКА ПРОСТИТУЦИЈА НИ СЕ СЛУЧУВА ВО УРБАНИСТИЧКОТО ПЛАНИРАЊЕ, ВЕЛИ ДЕКАНОТ НА ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ ГОРАН МАРКОВСКИНарачаните урбанистички планови претставуваат директен конфликт на интереси. Победа на личниот врз заедничкиот интерес“, вели Марковски. (Фото: СДК.МК)

    Класична инженерска проституција, го нарекува урбанистичкото планирање и градењето во земјава професорот и декан на Градежниот факултет во Скопје Горан Марковски. Тој во интервју за Дојче веле на македонски јазик вели дека урбанизмот последниве 20 години е победа на личниот врз заедничкиот интерес.

    Нарачаните урбанистички планови претставуваат директен конфликт на интереси. Победа на личниот врз заедничкиот интерес. Непоправлива стратешка грешка. Своевиден транзициски земјотрес кој сериозно го тресе нашето тло. И додека оној тектонскиот од пред 60 години ги разруши лошите градби, овој овозможи да се изградат такви нови урбанистичко-архитектонски киклопи, кои неповратно го уништија и сѐ уште го уништуваат просторот. И сето тоа поминато низ рацете на многу овластени урбанисти, архитекти, инженери. Поминато и уредно испечатирано. Мазохистичко задоволување на финансиските страсти на нарачателите или во други случаи, непримерно додворување на моќниците. Класична инженерска проституција. Продавање на сопственото знаење и дигнитет за тешко изборениот и долго посакуван проектански минималец. Често и за помалку!“, вели Марковски за Дојче веле.

    Марковски изминатиот период е единствениот кој јавно говори и за несоодветното испитување на опожарениот скопски мост „Беласица“, но и за негрижата за сите мостови, не само во Скопје туку и низ цела држава.

    Јас не викам дека мостот има сериозни оштетувања, туку дека се потребни детални анализи, а колку што знам таква анализа не е направена. Не може да се врши испитување на каблите за преднапрегање со снимки со дрон, постојат начини, опрема и механизми како тоа се испитува. Несфатливо е да се прави испитување, а да не се допре до средното поле на мостот. Тоа е недозволиво за ваква експертиза. Постојат скелиња, но и машини кои овозможуваат пристап до средното поле, да се влезе до сандаците на мостот и да се земат соодветни примероци. Зошто не е влезено не ми е познато, несериозно е да се носат заклучоци врз база на снимки“, рече вчера Марковски во своето излагање за мостот „Беласица“.

    Градоначалничката Данела Арсовска нарача експертиза за мостот од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски и оттогаш не се појавила на прес-конференција, ниту дала информации за мостот „Беласица“ кој трет месец е затворен за сообраќај. Гаревски минатата недела изјави дека ја предал на Град Скопје нацрт-верзијата од експертизата и дека таа покажува оти мостот нема сериозни оштетување и потребна е лесна санација.

    На 19 јуни, Гаревски кажа дека неговиот тим немал пристап на централниот распон на мостот, па испитувањето на каблите за преднапрегање во тој дел се направени врз основа на снимка од дрон која тој ја смета за релевантна. Снимката се правела само странично, бидејќи како што рече Гаревски, „под цевките за парно има жици и дронот не може таму да се движи“.

    „На мостот не му е потребно зајакнување бидејќи од визуелната слика што ја добивме од снимката за дрон се гледа дека каблите за преднапрегање не се оштетени, односно не се здобиле со висока температира. Оштетен е само бетонот и треба на долната плоча да се постави заштитен бетон“, рече тогаш Гаревски.

    И францускиот експерт за мостови Жулијан Ердоган минатата недела при посета на Скопје кажа дека не може да се испита состојбата на каблите за преднапрегање со снимки од дрон. Според него, за да се испита состојбата на внатрешните кабли за преднапрегање на мостови мора директно да им се пристапи и за тоа постојат специјални технологии.

    На 17 јуни, градоначалничката Данела Арсовска, гостувајќи во вестите на телевизија Сител, кажа дека на мостот му е потребно козметичко рефреширање и тој следната недела ќе биде пуштен во употреба за пешаци и возила. Рече дека намерно во јавноста се ширело паника дека мостот има сериозни оштетувања и ќе биде затворен најмалку една година, а го прозва и деканот на Градежен факултет Горан Марковски.

    „Несериозно е деканот на Градежен факултет кој седи дома болен од ковид и некој експерт кој го погледнал мостот од 50 метри далечина да даваат некакви квалификации дека ќе треба една година за санација или дека ќе треба да се урива“, рече Арсовска.

    Спротивно на тврдењата на Арсовска и Гаревски и проектантот на мостот Вукан Њагуљ изјави дека оштетувањата се сериозни и потребни се детални испитувања.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира