ВО ВЕЛЕС ЌЕ ИМА ПАРАЛЕЛКИ И СО ПО ДВАЈЦА УЧЕНИЦИ, СОВЕТОТ ИЗГЛАСА ПОМАЛИ КЛАСОВИ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАТВОРААТ УЧИЛИШТА

    ВО ВЕЛЕС ЌЕ ИМА ПАРАЛЕЛКИ И СО ПО ДВАЈЦА УЧЕНИЦИ, СОВЕТОТ ИЗГЛАСА ПОМАЛИ КЛАСОВИ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАТВОРААТ УЧИЛИШТАВо седумте основни училишта во општината ќе има вкупно 92 паралелки со помал број ученици, а во некои од нив ќе седнат само двајца или тројца ученици. (архивска фотографија)

    Во основните и средните училишта во Велес учебната година ќе започне со паралелки со помал број на ученици од законски предвидениот минимум, откако таква одлука едногласно донесоа советниците во Советот на Општина Велес. За оваа одлука претходно била добиена и писмена согласност од Министерството за образование и наука, кое ја искористило законската можност да дозволи формирање на паралелки со помалку од 20 ученици.

    Во седумте основни училишта во општината ќе има вкупно 92 паралелки со помал број ученици, а во некои од нив ќе седнат само двајца или тројца ученици.

    Најголем број вакви паралелки, вкупно 25, ќе има во ОУ „Панко Брашнар“. Во подрачното училиште во село Иванковци, во шесто одделение ќе има само двајца ученици. Слична е состојбата и во ОУ „Лирија“ во Бузалково, каде во подрачното училиште во Клуковец во трето одделение ќе учат тројца ученици.

    Во Раштани, пак, ќе функционира комбинирана паралелка за прво, трето, четврто и петто одделение со вкупно осум ученици. Единствено во ОУ „Блаже Конески“ има најмалку вакви паралелки – само две во деветто одделение.

    И во трите средни општински училишта е дозволено формирање на помали паралелки. Во Хемиското училиште „Димитрија Чуповски“ ќе има една паралелка со 11 ученици за насоките месопреработувач и пекар. Во Гимназијата се одобрени пет паралелки, од кои една на албански јазик со 23 ученици, додека во Економското училиште ќе има две, од кои едната за економски техничар на албански јазик со само петмина ученици.

    Годинава во прво одделение во Велес ќе тргнат 556 првачиња, што е за 101 ученик помалку во споредба со лани. Загрижувачки е податокот дека во училиштето во Богомила, општина Чашка, оваа година нема запишано ниту еден првоодделенец.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира