Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) инсталирала нова, софистицирана опрема за мерење на водостојот на Вардар и неговиот проток во Велес. Опремата која е набавена од хрватската фирма „Геолокус“ е поставена на Хидролошката станица Велес, лоцирана на Стар мост. Целта е подобрување на хидролошкиот мониторинг во државата.
„Во изминатиот период се вршеа тестови и проверки пред официјалниот почеток на работа. За јавноста да се запознае со овој нов инструмент, на веб-страницата на УХМР ќе бидат објавувани податоци кои сега се во фаза на тестирање и треба да се земат со одредена резерва. Податоците од оваа станица ќе се користат за рано предупредување во случај на поплави и за следење на поплавни бранови“, соопштија од УХМР.
Пред инсталирањето на опремата, УХМР вршела хидрометриски мерења со АДЦП инструмент за дефинирање на протекот на водата, при што биле добиени основни податоци и карактеристики за сетирање на инструментот во фабриката во Хрватска, а потоа и за финални подесувања, како во канцеларија, така и на терен.
„Извршено е инсталирање на опремата на мостот и пуштање во работа. Инструментот е снабден со два радара и тоа за ниво на вода и за детекција на брзината на движењето на водата. Има и камера за визуелно набљудување на водомерната летва и ситуацијата со реката. Во иднина, податоците од станицата треба да бидат досташни за јавноста преку веб-страницата на УХМР“, информираа од управата.
П. ПЕЧКОВ