ВО ВЕЛЕС СЕ СОБИРАШЕ ОТПАД, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ РАЗОЧАРАН ОД ОДЗИВОТ НА ГРАЃАНИТЕ

    ВО ВЕЛЕС СЕ СОБИРАШЕ ОТПАД, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ РАЗОЧАРАН ОД ОДЗИВОТ НА ГРАЃАНИТЕГрадоначалникот Аце Коцевски вели дека Велес е премногу нечист, за да може вработените во комуналните претпријатија сами да го исчистат. - Од вчерашната акција (Фото: СДК.МК)

    Во Велес вчера се организираше еколошката акција „Не валкај, разубави ден. За Велес“ на која се собираше смет од три локации во градот. Учествуваа 200 лица, повеќето вработени во јавните институции на локално ниво, но и неколку невладини здруженија. За два часа беа собрани 140 кубни метри смет. Организаторот локалната власт преку градоначалникот Аце Коцевски, задоволно со сработеното, но разочаран од отсуството на велешани.

    „Акцијата ја оценувам како мошне успешна, иако со жал констатирам дека учеството на граѓаните беше мало, а го чистевме нивниот смет, кој некој од нив го оставил. Затоа ќе мораме да работиме на подигање на свеста уште од мали нозе на децата од градинките од основните и средните училишта. Комуналните редари ќе мораат да работат, прво со предупредување а потоа со казнување на граѓаните и институциите, кои не го почитуваат градскиот комунален ред. Градот е исклучително нечист. Не е убаво и се срамам да кажам, дека сум градоначалник на град кој е толку нечист и затоа ја организиравме оваа прва пролетна еко акција на чистење на Велес“, рече градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

    Тој одговори и на реакциите на дел од граѓаните, кои не се согласуваат со ваква акција, оти сметаат дека велешките комуналци се платени од велешани да го чистат сметот, а не граѓаните да ја вршат нивната работа.

    „Морам да признаам кога станав градоначалник, состојбите во ЈКП Дервен, посебно во комунална хигиена, беа на ниско ниво, и со работна сила и со механизација. Работите се менуваат на подобро, но не се така како што треба. Градот е премногу нечист, за да може вработените сами да го исчистат. Затоа сметав дека е потребна една ваква масовна акција и потоа да го предадеме на ЈКП Дервен градот исчистен, за тие да се грижат за чистотата. Вакви акции ќе се организираат и наесен и секоја наредна пролет. Посакувам тогаш да учествуваат што повеќе граѓани“, додаде Коцевски.

    Светла точка на акцијата беа група граѓани кои самоиницијативно го чистеа сметот на неколку локации во градот. На акцијата особена посветеност покажаа екологистите од „Грин пауер“ кои ги исчистија медицинскиот отпад на брегот помеѓу инфективното одделение на болницата и ОУ „Блаже Конески“. Таму се собраа 15 вреќи медицински отпад меѓу нив и со шприцеви и игли од зависници, кои го користат просторот околу училиштето.

    Се чистеше на три локации во Велес, ул. Димко Најдов од Долни дуќани кон манастирот Св. Димитрија, битолска железничка пруга кај населба Керамидна и на Градски стадион.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира